Екипи од ЈП за магистрални и регионални патишта се на терен и вршат увид. Од МИА, повикувајќи се на информации од терен добиени од ЦУК, наведуваат дека нема жртви

Товарно возило попладнево изгубило контрола на мостот на регионалниот пат меѓу селата Зелениково и Таор, ја откорнало оградата и паднало во водите на Вардар.
„Денеска околу 18 часот, товарно возило движејќи се на регионалниот патен правец село Зелениково-село Таор изгубило контрола, ја пробило оградата и паднало во реката Вардар. Градоначалникот на Општина Зелениково со своите соработници се излезени на терен и направиле соодветно одбележување на оштетениот мост кој претставува потенцијална опасност за движење на возилата и пешаците кои поминуваат низ него“,
соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Оттаму додаваат дека за ситуацијата известено е и Јавното претпријатие (ЈП) за одржување на магистрални и регионални патни правци со цел веднаш да излезе на терен и да постави соодветно обележување и сигнализација, а во најкраток можен рок да ја санира оградата.
„Екипата на ЈП за одржување на магистралните и регионалните патни правци во моментот се на терен, вршат увид и постапуваат соодветно нивните надлежности“,
додаваат од ЦУК.
Во соопштението од ЦУК објавено на социјалните мрежи, нема информации каква е состојбата на возачот на товарното возило. Од МИА, пак, повикувајќи се на информации од терен добиени од ЦУК, наведуваат дека нема жртви.