Ваквата информација ја објави Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, кое управува со Арената посочувајќи дека ревитализацијата ќе се врши во соработка со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ)
По неколкумесечната катастрофална состојба во која се наоѓа, теренот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје целосно ќе се ревитализира и ќе добие нова трева.

Ваквата информација ја објави Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, кое управува со арената, посочувајќи дека ревитализацијата ќе се врши во соработка со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

„Проектот е донација од ФФМ преку УЕФА и се очекува да биде готов пред натпреварот со Англија на којшто ќе можеме да се пофалиме со нова ,најсовремена тревна површина согласно највисоките стандарди на меѓународните фудбалски институции“,
соопштија од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор

Вредноста на инвестицијата и на донацијата засега не се познати, а ќе бидат истакнати по реализација на проектот.
Теренот на Националната арена беше во катастрофална состојба на последниот меч што македонската репрезентација го одигра против Италија во рамки на квалификациите за Европското првенство.
Натпреварот заврши со резултат 1:1, а по мечот италијанскиот селектор Лучијано Спалети изјави оти било многу тешко да се доминира на ваков терен.
Неодамна, во изјава за „360 степени“, од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, кое управува со арената, соопштија дека лошата состојба на теренот е поради растителен паразит што ја нападнал тревата, а оти првите проблеми се појавиле кон крајот на јуни годинава. Од државната фирма посочија дека презеле итни мерки, но дека теренот не може да се санира преку ноќ.
