Новогодишната елка, исто како и лани, во Атина пристигна од планинскиот град Карпениси. Градските атински власти пред две години целото божиќно осветлување во градот, како што велат, го замениле со лед светилки што овозможило заштеда до 80 отсто во споредба со претходните години
На централниот плоштад „Синтагма“ во Атина светна новогодишната елка. Тежи шест тона, висока е 21 метар, а украсена е со над 40 000 светилки во должина од пет километри.
На традиционалниот свечен настан проследен со концерт, како што јави дописничката на МИА од Атина, присуствуваа атинскиот градоначалник Костас Бакојанис и негови колеги од над 25 градови од целиот свет, меѓу кои и градоначалникот на Њујорк.
„Сакаме сите заедно, градоначалниците од цела Грција, но и од целиот свет да испратиме силна порака за солидарност и мир, особено сега со сето она што се случува“,
порача градоначалник Бакојанис.
Покрај на Њујорк, присутни беа градоначалници од различни делови на САД, но и од Уругвај, Албанија, Полска, Белгија, Молдавија, Обединетото Кралство. Тие упатија куса порака до присутните и сите запалија по една светилка од елката.
Новогодишната елка, исто како и лани, во Атина пристигна од планинскиот град Карпениси. Беше поставена минатата седмица и украсена со стотици лампиони.
Осветлувањето на елката го означи и почетокот на празничниот период во Атина, а во текот на месецов планирани се низа настани во речиси сите населби во грчката метропола.
Освен централниот плоштад „Синтагма“, ќе бидат украсени 35 плоштади во сите седум општински заедници, а на улиците во Атина, празничните светилки се во должина од 120 километри, над 15 километри повеќе од лани.
Градските атински власти пред две години целото божиќно осветлување во градот, како што велат, го замениле со лед светилки што овозможило заштеда до 80 отсто во споредба со претходните години.