Поранешниот градоначалник на општина Гази Баба и третообвинет во случајот ТНТ, Тони Трајковски, осум часа поминал во Ургентниот клинички центар во Скопје. Се пријавил на полноќ, со телесни повреди. Информацијата за „360 степени“ ја потврдија од Ургентен, но не сакаа да кажат за какви телесни повреди станува збор, иако велат дека изутрината во 8 часот во стабилна состојба бил препратен на Клиниката за максилофацијална хирургија.
„Пациент со тоа име и презиме беше прегледан во текот на синоќешното дежурство, по полноќ. На Клиниката беше задржан за опсервација околу осум часа. Утрово, во стабилна состојба, беше препратен на Клиниката за максилофацијална хирургија за понатамошен третман“,
велат од УК ТОАРИЛУЦ.
„360 степени“ стапи во контакт со сопругата на ексградоначалникот на Гази Баба, која ни рече дека Трајковски има повреди на лицето, главата и грбот и дека се наоѓа на Клиниката за инфективни болести.
„Во моментов сме на Клиниката за инфективни болести, тој има повреди на главата, лицето и грбот и не може да зборува. Треба да прими тетанус“,
вели сопругата на Тони Трајковски.
Поранешниот градоначалник на Гази Баба случајот го пријавил и во МВР синоќа пред полноќ.
„На 22.12.2019 г., во 23:35 часот, Т.Т. пријавил дека во Скопје на пешачка патека во близина на болница, по претходна вербална расправија со две лица, бил физички нападнат од нив. Се работи на расчистување на случајот“,
велат од МВР.
Трајковски изутрината требаше да се појави во Кривичниот суд во Скопје на рочиште за случајот ТНТ. Неговиот адвокат достави поднесок со кој тврди дека Трајковски е во болница, со видливи повреди на главата и телото. Меѓутоа, судијата Огнен Ставрев, откако претходно контактирал со доктор, рече дека доколку Трајковски за еден час не се појави во судот, ќе биде стражарно приведен. Случајот ТНТ се однесува на уривање на комплексот „Космос“ на бизнисменот и поранешен пратеник Фијат Цаноски.
*поврзана вест Тони Трајковски бил претепан и не дојде на судење за ТНТ