За жителите од општините што се моментно најзагрозени од коронавирусот сите патишта водат кон туристичките центри во земјава, каде што нема неколкудневен полициски час за продолжениот викенд
На неколку часа пред почетокот на 80-часовниот карантин во неколку општини во државата што се најзагрозени од коронавирусот, според фотографиите од терен, значително е зголемен интензитетот на сообраќај низ државата. Возила од Скопје се упатуваат кон внатрешноста на државата, а голем дел и кон туристичките центри, каде што рестрикциите се помеки, соодветно и на драстично помалиот број на заразени со ковид-19.
Околу 18 часот забележана е зголемена фреквенција на возила на автопатот „Пријателство“, но овој пат возилата не одат кон ГРција, поради тоа што се уште не се отворени границите.

Зголемен интензитет на сообраќај, како што јави МИА, е забележан и на магистралните правци во гостиварското подрачје. Поголемиот број автомобили одат кон југот од земјава.
На последната наплатна рампа од автопатот „Мајка Тереза“ кај Гостивар изминативе два часа работат сите кабини за патарина и нема застои.

Според пишувањето на МИА, најголемиот дел од патниците се со автомобили со скопски и тетовски ознаки. Некои од нив изјавиле дека одат кон Маврово, Струга и Охрид, за да го избегнат полицискиот час.
Според првичните проценки на вработените на патарините, бројот на возила кои поминале на рампите,денеска бил неколкукратно зголемен и во попладневите часови тој може да надмине десет илјади.