Пригодно признание од ЦУК денеска доби и Клер Ковалески, офицерка за врска од ЕУ-механизмот за цивилна заштита
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека денеска си заминале дел од странските противпожарни сили што гаснеа пожари низ Македонија. Се работи за пилоти и воздухопловни посади од Словенија, Чешка и Шведска.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, им врачи признанија и плакети на воениот дел од скопскиот аеродром.
„Ангелов изрази благодарност до нашите пријатели, храбрите пилоти и воздухопловните посади од Словенија, Чешка и од Шведска кои овие денови, заедно со македонските пилоти на противпожарни воздухоплови, ги гаснеа пожарите што ја пустошеа и сѐ уште ја пустошат нашата татковина. Тие изразија подготвеност да помогнат и во други прилики, ако е тоа потребно за нашата држава, посочувајќи и на големата гостољубивост и кооперативност и со сите мештани со коишто се сретнале на терен“,
велат од ЦУК.
Пригодно признание од ЦУК денеска доби и Клер Ковалески, офицерка за врска од ЕУ-механизмот за цивилна заштита.
„Пригодно признание за нејзината работа, соработка и координација со и преку ЦУК од 2 до 5 август со Европската Унија и противпожарните сили коишто дојдоа да помогнат од другите европски земји. Притоа, Ангелов изрази голема благодарност на офицерот за врска од ЕУ-механизмот за цивилна заштита за помошта за гаснење на големите пожари во нашата држава“,
соопшти ЦУК.
Денеска од ЦУК информираа и за донација од приватна фирма од над 16 000 висококвалитетни заштитни маски наменета за територијалните противпожарни единици во Македонија. Заедно со веќе донираните на пожарникарите во Штип и Радовиш, донацијата има вкупна вредност над 350 000 денари.