Една од трите галии поставени во реката Вардар во центарот на Скопје денеска почна да се урива. Ова го најави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, на својот профил на Фејсбук.
„Првата од трите галии во коритото на Вардар, почна да заминува во историјата!“,
напиша Шилегов.
Галиите беа поставени во реката Вардар во рамките на проектот „Скопје 2014“ додека на централно и локално ниво на власт беше ВМРО-ДПМНЕ.
Сега како опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, реагира на уривањето и вели дека ова е само предизборен маркетинг.
„Рушењето на Галијата е чист предизборен маркетинг на Петре Шилегов. Четири години е градоначалник и две работи по кои ќе биде запамтен е рушење на галијата и засадување на едно сиромашно дрво. А само да потсетиме дека на скопјани им ветуваше подземен тунел под Кале, нови булевари, мостови и паркови“,
се вели во писмената реакција на ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката пак СДСМ велат дека со уривањето на галијата се чистата остатоците од ѓубре.
„Рушењето на галијата изведено согласно сите правни услови е чистење на остатоците од ѓубрето на ВМРО-ДПМНЕ што зад себе го остави во главниот град по 27 години владеење. Се понервозни се во ВМРО-ДПМНЕ онака како што наближуваат изборите. Знаат дека се се поблиску до нов изборен пораз па затоа секојдневно ги засилуваат лажните вести, конструкциите и празните закани кон градоначалникот Петре Шилегов“,
велат од СДСМ.
Дислокација на галиите беше едно од главните ветувања на Шилегов уште пред неговиот мандат.