Пратеничката Петровска вели дека не само кандидатката за градоначалник на Скопје туку и целото нејзино семејство има бугарско државјанство
Не само Арсовска туку и целото нејзино семејство има бугарско државјанство, објави денеска СДСМ продолжувајќи ја сторијата за „бугарските врски“ на кандидатката за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска.
Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, објави денеска документи според кои, освен Арсовска, бугарска лична карта има и нејзиниот сопруг Ангел Арсовски.
„Ова е удостоверението на Ангел Арсовски, сопруг на Арсовска, издадено 2010 година. Идентично, исто како и Арсовска, и Арсовски има бугарска лична карта. Со име и презиме, со номер, со гражданство. Бугарската лична карта на Ангел Арсовски е издадена еден месец пред бугарската лична карта на Данела, односно на 3 април 2017 година. И неговата, исто како и онаа на Данела, е сè уште важечка. Валидноста, односно веродостојноста на овие документи кои ги објавуваме се потврдува преку официјалната интернет-страница на Министерството за внатрешни работи на Бугарија. Со внесување датум на раѓање и број на документ, во овој случај кај двете лични карти има официјална потврда за нивната валидноста“,
рече Петровска на прес-конференцијата.
Таа оцени дека Арсовска ја почнала кандидатурата со лаги и дека така ја завршува.
„Ги излажавте скопјани, не сте независна, целото режимско ВМРО-ДПМНЕ стои зад вас. Очигледно Данела Арсовска долго време има длабоки врски со други држави, Унгарија и Бугарија. Неискреноста на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, со нејзиното лажење на граѓаните отвора и други многу сериозни прашања. За чии интереси работи Данела Арсовска? Арсовска е зависна од други држави, за мотиви за кои треба таа лично самата да ги соопшти на граѓаните. Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ е иста како и нејзината партија“,
нагласи Петровска.
Таа вчера објави копија од бугарска лична карта, со адреса во Петрич и на име Даниела Арсовска, за која рече дека е на кандидатката за градоначалничка на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. Проверките што потоа ги направи „360 степени“ ја потврдија валидноста на личната карта што ја објави СДСМ, како и тоа дека жената од овој документ е регистрирана како гласач во Петрич, во Округот Благоевград.
Ден претходно, СДСМ ја почна сторијата за „бугарските врски“ на Арсовска со објавување потврда за државјанство, издадено од бугарското Министерство за правда, а потпишано од бугарскиот вицепретседател. Арсовска вчера ги негираше обвинувањата дека крие од јавноста дека има бугарско државјанство и жителство, оценувајќи дека таа и целото нејзино семејство се цел на црна кампања.