Украинската служба за итни случаи извести дека во нападот се повредени персоналот на хотелот и гостите, од кои еден е странски новинар, без да даде дополнителни детали
Во руски ракетен напад на хотел во Харков, вториот по големина украински град, повредени се 11 лица, меѓу кои и турски новинари кои престојуваа во хотелот, изјави во четвртокот регионалниот гувернер Олех Синехубов.

Еден од повредените е во тешка состојба.
Нападот на хотелот се случил синоќа околу 22:30 часот по локално време, односно околу 20:30 часот по Гринич. Во моментот на нападот во хотелот имало повеќе од 30 цивили.

Украинската служба за итни случаи извести дека во нападот се повредени персоналот на хотелот и гостите, од кои еден е странски новинар, без да даде дополнителни детали.
Градоначалникот на Харков, Ихор Терехов, рече дека во хотелот не престојувал воен персонал.

Русија ги интензивираше воздушните напади врз украинските градови во последните две недели, а во нив, како што тврдат украинските власти, загинале десетици цивили.
Харков, кој се наоѓа на само 30 километри од руската граница, претрпе голема штета од руските воздушни напади откако Русија ја започна инвазијата на Украина во февруари 2022 година.