Денеска почна академската година, која по две години онлајн настава поради пандемијата со коронавирусот сега ќе биде со физичко присуство
На повеќе високообразовни институции во државата денеска се одржува првиот академски час на кој деканите и професорите на факултетите заедно со дел од министрите во Владата им посакаа успешно настава на идните студенти.
На првиот академски час на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје присуствуваше министерот за правда Никола Тупанчевски, кој е кадар токму од овој факултет, а меѓу другите професори кои им посакаа успешна година на студентите беше и Драги Рашковски кој е вонреден професор.
Рашковски беше генерален секретар во Владата на Зоран Заев, функција од која се повлече по објавување на аферата „Софтвери“. За неа против него се води и судски процес. Обвинението за ова опфаќа два тендери – за софтвер за сообраќајни прекршоци и уште еден за биометриска идентификација. Двата, според обвинителството, никој не ги барал и не ги користел. Исто така, обвинението опфаќа и исплата на хонорари од кои, според обвинителството, ексгенералниот секретар дел зел за себе.