Сообраќајот на патниот правец Крива Паланка – граничен премин Деве Баир се одвива отежнато и со забрана за движење на тешки товарни возила. Претходно овој патен правец беше блокиран поради паднати дрвја на патот.

Во делови од Општина Крива Паланка има прекин во снабдувањето со електрична енергија, додека на повеќе локации има надвиснати гранки од дрвја поради големата количина снег.
Според информациите од Центарот за управување со кризи, прекин во напојувањето со електрична енергија има во населба Кошари, улица „8 Октомври”, како и во селата Дурачка Река, Станци, Б’с, Калин Камен, Дренак, Градец, Габар, Огут, Метешево, Осиче, Мождивњак, Баштево и дел од Конопница.

Снежната покривка во Крива Паланка изнесува околу петнаесет сантиметри, a на повисоките места и над 40. Службата за зимско одржување на јавно претпријатие „Комуналец” е на терен од попладнево и сите улици се расчистуваат навремено, иако интензитетот на снежни врнежи во вечерните часови се засилува.

„Сите екипи се на терен, ЈП ‘Комуналец’ со целокупната расположлива механизација, специјализирани возила за чистење снег ги расчистува улиците континуирано, додека магистралниот пат А2, Куманово – Крива Паланка – граничен премин со Република Бугарија, Деве Баир, го одржуваат екипите на jавното претпријатие ‘Македонија пат’. Нанесен е абразивен материјал од страна на службите на сите градски и приградски улици, останати се неколку улици од повисокиот реон на градот кадешто поради конфигурација на теренот ќе се пристапи кон чистење и посипување со специјализиран трактор опремен со соодветна опрема за таа намена“,
вели градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.