На железничките станици и стојалишта е инсталирана сигнално-телекомуникациска опрема во вредност од 10 милиони евра, алуминиумски седишта, челични натстрешници, дисплеи, ЛЕД-осветлување
Пуштена е во употреба железничката пруга Куманово – Бељаковце која е дел од Коридорот 8, информираат од Министерството за транспорт. Пругата е со должина од 30,8 километри и вклучува три нови железнички станици, шест стојалишта, пет мостови, еден тунел и многу други инфраструктурни објекти.
На настанот по повод пуштање во употреба на пругата, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Коридорот 8 претставува подеднакво значаен и стратешки проект заедно со Коридорот 10.
„Овие два коридори се главен приоритет за оваа влада бидејќи како држава претставуваме природна раскрсница на овие два коридори и ова треба да претставува наша предност во споредба со другите држави во регионот“,
рече Мицкоски.
Како што посочи, наскоро ќе се заврши и втората секција, како и тендерската процедура од третата секција.
„Јас сум убеден дека наскоро ќе се заврши и втората секција во рокот кој што е предвиден во договорот. Многу скоро ќе заврши тендерската процедура од третата секција со што ќе бидеме целосно поврзани со нашиот источен сосед, а со тоа ќе бидеме и дел од еден многу важен коридор не само за ЕУ, туку и за НАТО“,
додаде премиерот.
Министерот за транспорт Александар Николоски истакна дека користењето на оваа пруга ќе значи многу за локалното население, но и за бизнисот.
„Инсистираме карго сообраќајот да се развива и веќе зборувавме за одредени делови на карго сообраќајот на оваа пруга за да може полесно да се развива бизнисот. Би сакал лично да се заблагодарам на премиерот за поддршката, не е мала работа три големи проекти да отворите за две недели“,
изјави Николоски.
Пругата Куманово – Бељаковце е со должина од 30,8 километри и на неа се изградени три нови железнички станици (Ново Куманово, реконструирана постоечката железничка станица Куманово, 6 стојалишта, 5 мостови, 1 тунел, пропусти со различен дијаметар, заштита на наклони, одводни канали, пристапни патишта, звучни бариери, потпорни ѕидови, горен строј и сигнализација и телекомуникација.
На железничките станици и стојалишта е инсталирана сигнално-телекомуникациска опрема во вредност од 10 милиони евра, алуминиумски седишта, челични натстрешници, дисплеи, ЛЕД-осветлување.