Под слоганот „5 353 дена до правда“ на денешниот марш беше одбележана правната битка која четири сексуални работнички од земјава ја извојуваа пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур поради нехуманиот и деградирачки третман пред 15 години, кога вкупно 23 сексуални работнички цела ноќ беа држени во полициската станица, а нивните фотографии без заштитен идентитет беа објавени на веб-страницата на МВР
Дождливо декемвриско претпладне. Ситниот дожд делумно ги испразни тротоарите во главниот град, но ги отвори чадорите на ретките граѓани кои се движеа по централната пешачка патека во Скопје. Точно напладне, пред Спомен-куќата на Мајка Тереза, се отворија педесетина црвени чадори. Но, не поради временските услови.
Повод за отворање на чадорите во јарка црвена боја – симбол на борбата за права на сексуалните работници и отпорот против дискриминација – беше одбележувањето на Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници со традиционалниот Марш на црвените чадори.
Традиционално, маршот се одржува шеснаесетта година по ред во земјава, но за разлика од минатите, годинава беше одбележан со можеби мала за човештвото, но голема победа за сексуалните работнички во Македонија.
Под слоганот „5 353 дена до правда“ на денешниот марш беше одбележана правната битка која четири сексуални работнички од земјава ја извојуваа пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур поради нехуманиот и деградирачки третман пред 15 години, кога вкупно 23 сексуални работнички цела ноќ беа држени во полициската станица, а нивните фотографии без заштитен идентитет беа објавени на веб-страницата на МВР.
Правдата, како што рече директорката на здружението ХОПС, Хајди Штерјова-Симоновиќ, ќе беше задоволена само две и пол години по рацијата, кога првостепениот суд пресуди во корист на тужителките утврдувајќи повреда на нивните права од страна на МВР и другите тужени, но пресудата во два наврати „падна“ на Апелација.
„Првиот пат ја врати на повторно одлучување. Основниот суд повторно утврди повреда на правата меѓутоа вториот пат Апелацискиот суд ја преиначи пресудата наведувајќи дека не им биле прекршени правата без да даде соодветна правна аргументација. И токму тоа е повредата што ја утврди ЕСЧП. Судот утврди дека на четирите апликантки МВР им ги повредило правата, меѓутоа и тоа што Апелацискиот суд само ја уважил жалбата на МВР без да даде никакво образложение, повторно им ги повредил правата“,
вели Штерјова-Симоновиќ.
„Бевме за никаде кога нè држеа во станица, но правдата е задоволена“
„Во станица нè држеа цела ноќ до следниот ден во 12 часот. Ни ги соблекуваа чизмите за да видат дали имаме пари, за никаде бевме, за никаде“. Ова, на денешниот марш го изјави една од четирите сексуални работнички кои го добија спорот против државата во Стразбур присетувајќи се на немилиот настан пред точно 15 години.
Кажаа дека се чувствувале многу лошо вечерта кога биле држени во станица, но сега, како што велат, конечно првпат сексуалните работнички ја добија правдата во свои раце.
„Не знаевме што ќе биде, каква одлука ќе донесе (Европскиот суд во Стразбур н.з.), ама барем ни е мило што некоја држава мисли на нас“,
рече една од сексуалните работнички.
„Се чувствувавме многу добро (по пресудата на ЕСЧП н.з.) затоа што за првпат ние како сексуални работнички добивме некаква правда, зашто во оваа држава нас како сексуални работнички поинаку нè гледаат“,
дополни друга.
Зошто е важна пресудата на ЕСЧП во полза на сексуалните работнички
Пресудата која Судот во Стразбур ја досуди во корист на четирите сексуални работнички од земјава во спорот против државата е важна зашто тие за првпат се охрабруваат да побараат судска заштита поради институционалното насилство, но и да истраат во постапката до самиот крај, вели директорката на ХОПС, Хајди Штерјова-Симоновиќ. Пресудата, вели таа, е потврда дека сексуалните работнички треба подеднакво, како и останатите граѓани, да ги уживаат своите права, а државата да ги штити правата на сите свои граѓани.
„Со оваа пресуда испраќаме порака до националните судови и институциите дека во демократска држава сите се еднакви пред законите и Уставот и правата на сите граѓани мора подеднакво да се почитуваат и заштитуваат“,
додава Штерјова-Симоновиќ.
Директорката на ХОПС дополни дека во изминатите 4-5 години до Владата повеќепати била поднесена иницијатива за декриминализација на сексуалната работа, но, како што вели, во последниот институционален одговор од пред две години е наведено дека за да се декриминализира прво треба да се напише закон кој ќе го уреди сето тоа.