Граѓанската организација „Една може“ денеска организираше протестен марш во Скопје, кој започна во 13.00 часот во „Жена парк“, а во кој демонстрантите побараа дефинирање на статусот на самохраните мајки.
„Нашата борба е речиси децениска. По сите законски механизми кои ги употребивме, ни остана само ова. Излегуваме на улица во име на секоја самохрана мајка и еднородителско семејство во државата и бараме поддршка од државните институции. Бараме дефинирање на статусот на самохраност и третман врз основа на статус, а не врз основа на неможности“,
вели Дороти Пачкова од „Една може“.
Оттаму посочуваат дека голем број самохрани мајки не можат да ги остварат своите законски стекнати права поради корумпираност, нестручност и нефункционалност на институциите.
Ова е прв протестен марш на самохраните мајки кои истакнаа и дека нивните права „не смеат да бидат табу тема“.