Еден од организаторите кој ѝ се обратил на толпата, бил маскиран и не сакал да го открие идентитетот, туку само рекол дека е од Косово. Тој на насобраните граѓани им кажал дека не сака „никаква Заедница на српски општини“ и дека Косово е дел од Србија
Неколку стотици луѓе вечерва се собраа во Белград, пред црквата Свети Сава, на протест за поддршка на Србите во Косово, јави регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Протестот бил најавен на социјалната мрежа Телеграм, на групи од десничарски организации во Србија.
Еден од организаторите кој ѝ се обратил на толпата, бил маскиран и не сакал да го открие идентитетот, туку само рекол дека е од Косово. Тој на насобраните граѓани им кажал дека не сака „никаква Заедница на српски општини“ и дека Косово е дел од Србија.

Насобраните, како што пренесува РСЕ, пееле песни за Косово и погрдни песни за Албанците во Косово. Тие извкувале „Срби и Руси се браќа засекогаш“, како и „Нема поделба, Косово е дел од Србија“.
Носеле руско-српско знаме, транспаренти на кои пишува „Косово, нема предавање“, а имало и обележја со буквата „Z“ која ја симболизира руската воена инвазија на Украина.

Демонстрантите потоа прошетале низ централните градски улици, кои привремено биле затворени за сообраќај, а пред Претседателството на Србија го запалиле знамето на Косово.

Прошетката завршла во црквата „Свети Марко“ во центарот на Белград, каде организаторите рекле дека „го чекаат одговорот од државата“.
Протестот во Белград беше организиран додека камиони и автобуси трет ден ги блокираат патиштата на северот на Косово, спречувајќи го сообраќајот кон граничните премини со Србија, „Јариње“ и „Брњак“.
Неколку групи српски граѓани од Косово почнаа да поставуваат барикади на 10 декември, кога властите во Косово објавија дека е уапсен поранешниот српски полицаец Дејан Пантиќ, кому Судот во Приштина денеска му одреде 30-дневен притвор поради обвинение „организирање терористички напад во просториите на Централната изборна комисија“.