Леталото е обезбедено преку соработка со словенечката полиција, која донираше опрема за обновување на еден хеликоптер. Таа опрема може да се приспособи и за повеќе различни летала. За целосно да се замени опремата се потребни 15 минути, а до кое било место во земјата може да се стигне за четириесетина минути, за да се изврши итна интервенција. Градската општа болница „8 Септември“ од Скопје ќе го обезбеди стручниот тим што ќе го користи леталото и ќе ги придружува пациентите во него

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и министерот и заменичката за здравство, Фатмир Меџити и Маја Манолева, денеска во Битола го промовираа хеликоптерот со опрема за медицинска помош.
Леталото е обезбедено преку соработка со словенечката полиција, која донираше опрема за обновување на еден хеликоптер. Таа опрема може да се приспособи и за повеќе различни летала. За целосно да се замени опремата се потребни 15 минути, а до кое било место во земјата може да се стигне за четириесетина минути, за да се изврши итна интервенција. Градската општа болница „8 Септември“ од Скопје ќе го обезбеди стручниот тим што ќе го користи леталото и ќе ги придружува пациентите во него.
„Од моментот на основање на современата македонска држава до денес, немавме ресурси со кои ќе можевме да вршиме транспорт на пациенти по воздушен пат. Промовираме нешто што е од исклучителна важност за граѓаните во нашата држава. Имаме одлична соработка со словенечката полиција и посебно меѓу двете хеликоптерски единици“,
рече министерот за внатрешни работи Спасовски, додавајќи дека државата поседува повеќе хеликоптери во кои може да се намести опремата за медицински интервенции и тие да се пратат на терен.
Министерот за здравство Меџити информираше дека леталото ја извршило првата интервенција уште на патот кон промотивниот настан во Битола.
„Задоцнивме за да помогнеме на едно лице на кое му се случи несреќа кај селото Буковиќ. Станува збор за ловџија кој моравме да го транспортираме заради скршеници. Помошта преку Службата за итна медицинска помош не беше возможна поради непристапен терен и помогнавме со овој медицински хеликоптер. Така промоцијата на хеликоптерот е направена денеска со навремена медицинска помош на пациент“,
изјави министерот за здравство Меџити.
Според него, брзиот транспорт на пациентите е исклучително важен во ургентни состојби.
„Првиот час по настанување на критичната здравствена состојба, ние лекарите го нарекуваме ‘златен час’. Токму во тоа време соодветната интервенција значително ги подобрува шансите за позитивен исход. За сите тие медицински состојби, сега имаме ултрабрз транспорт“,
рече Меџити.




Според заменик министерката за здравство Маја Манолева, хеликоптерот за итна медицинска помош е еден од најголемите проекти во областа на здравствениот транспорт во земјава.
„Во соработка со Министерството за внатрешни работи, стартуваме транспорт на пациенти со хеликоптер од болниците во изолирани и недостапни региони при итни медицински состојби, првично до ГОБ 8 Септември, а во иднина имаме план за проширување на овој сервис и вклучување на повеќе медицински центри. За успешната реализација на проектот, опремивме хеликоптер со медицинска опрема од ГОБ ‘8 Септември’, вклучувајќи монитори за следење на витални параметри и инвазивен мониторинг, дефибрилатор, кислородна боца, аспиратор, како и лекови и друга медицинска дополнителна опрема што се предвидува според дијагнозата на пациентите што ќе бидат транспортирани. Освен медицинската опрема, во хеликоптерот ќе биде вклучен и медицински тим од лекар и медицинска сестра. Важно е да се потенцира дека транспортот е потполно бесплатен за пациентите“,
рече Манолева.
Од Министерството за здравство најавија дека планираат формирање и на посебен кол-центар одговорен за координација, како и проширување и вклучување на повеќе медицински центри во државата.