Лицата биле приведени во станица, а по документирањето на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава, додаваат од МВР
Министерството за внатрешни работи соопшти дека во координирана акција вчера се уапсени двајца дилери на дрога од Штип кои имале привремен престој во Скопје.
По преглед врз нив и претрес во нивните домови била пронајдена дрогата.
„По преземени мерки и активности, околу 16 часот на подрачје на Кисела Вода, полициски службеници извршиле преглед над К.К. во близина на неговиот дом при што биле пронајдени 50 таблети екстази, кокаин и едно пакување со синтетичка дрога кристал мет. Подоцна, со судска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом и биле пронајдени предмети поврзани со кривичното дело. Вчера, исто така, по добиена судска наредба, бил извршен и претрес во домот во кој престојува Љ.Б., при што биле пронајдени и одземени околу четири килограми марихуана, околу 100 грама кокаин, едно пакување со синтетичка дрога кристал мет, околу 500 таблети екстази и дигитална вага“,
соопшти МВР.
Лицата биле приведени во станица, а по документирањето на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава, додаваат од МВР.








Претходно полицијата соопшти и дека при претрес во скопско Чучер Сандево вчера е приведен дилер кај кого биле пронајдени амфетамин, марихуана и масло од канабис. При претрес во неговиот дом и други простории, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени околу еден килограм амфетамин распределен во пакувања подготвени за улична продажба, околу половина килограм марихуана, масло од канабис и дигитална вага. И ова лице е уапсено и против него ќе следува пријава, велат од МВР.



Полицијата вчера пронашла дрога и во Дебар. Оттаму велат дека го лишиле од слобода А.П. (47) откако при претрес во неговиот дом е пронајдена и одземена марихуана. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на настанот и против него ќе биде поднесена соодветна пријава.