Премиерот и досегашен претседател на СДСМ, Зоран Заев, ја проследи партиската прес-конференција вечерва на која беше објавено дека Димитар Ковачевски е новиот лидер на партијата со убедливо мнозинство освоени гласови наспроти Фросина Ременски и Јован Деспотовски.
По завршувањето на прес-конференција на Централната изборна комисија на СДСМ и обраќањата на кандидатите, Заев излезе на подиумот, но овојпат не за да даде изјава, туку да им честита на тројцата кандидати кои се „тркаа“ за неговата досегашна челна позиција во партијата.
Од вкупно 44 406 членови на СДСМ што денеска излегле на гласање, за Ковачевски заокружиле 37 649. За разлика од него, Фросина Ременски, која е поранешна потпретседателка на партијата, освои 2 836, а за Јован Деспотовски, актуелниот в.д директор на Дирекцијата ТИРЗ, гласале 3 319 сопартијци. Неважечки биле 602 ливчиња.