Ветувам дека во следниот период овој мандат ќе го оправдам со уште повеќе работа и ќе бидам достапна за сите членови на општинската, вели поранешната мисица
Поранешната мисица Билјана Јаневска, која пред две години стана прва придружничка на изборот за убавина „Мис модел туризам во светот“, влегува во политичките води. Од вчера таа е избрана за генерална секретарка на Либерално-демократската партија (ЛДП) Карпош.

„Почнав со голем кикс за локалните избори, но ЛДП како прогресивна и транспарентна партија ми даде шанса да се покажам и докажам со напорна работа. Ѝ благодарам на претседателката Моника Зајкова, му благодарам на генералниот секретар Боби Мојсоски, на сите членови во Извршен одбор за довербата. Ветувам дека во следниот период овој мандат ќе го оправдам со уште повеќе работа и ќе бидам достапна за сите членови на општинската“,
објави на Фејсбук поранешната мисица.
Таа е дел од новото раководство на ЛДП Карпош, каде што за претседател вчера беше избран Филип Филиповски Ипи, кој најави тимска работа и создавање нови кадри.

„Оваа општинска организација уште повеќе ќе работи на градење нови кадри, полни со свежа енергија и спремни за политики со нулта корупција. Ќе работиме тимски со сите членови на општинската организација во насока на подобрување на транспарентноста и прогресивноста, а вратите ќе бидат отворени за секој граѓанин“,
истакна Филиповски.
Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, пак, порача дека очекува новото раководство да ја води посветено и доследно општинската организација на партијата во Карпош.
„Честитки на новиот општински претседател на Карпош, Филип Филиповски Ипи, и на новото раководство. Силно верувам дека овој тим ќе ја води општинската организација посветено и доследно до либералните и европски вредности и политики, креирајќи политики кои ќе го олеснат и подобрат секојдневието на граѓаните во општина Карпош. Нека ова Собрание испрати порака за сплотена, прогресивна и силна ЛДП чија единствена цел се интересите на секој граѓанин и државата“,
порача Зајкова.