До крајот на денот времето ќе биде нестабилно во поголем дел од земјава, во форма на невреме со интензивен пороен дожд, електрични празнења, силен ветер и појава на град
Улици и автомобили под вода, општетени земјоделски посеви, поплавени дворови и подруми – ваква е сликата во повеќе населени места по силното невреме што викендов ја зафати Македонија.
Поројниот дожд, но и градот ги поплави речиси сите улици во Тетово, а зафатени беа и повеќе дворови и подруми од куќи.

Обилните врнежи го поплавија и системот за атмосферска канализација, а граѓани пријавија дека вода им навлегла во подрумите на куќите.
Засега се пријавени само материјални штети, возила заглавени во вода и електрични уреди уништени во подрумите. Големи се штетите и кај земјоделските култури, градинарските насади, пченицата и пченката.


Од Регионалниот центар за управување со кризи – РЦУК Тетово информираа дека нивни вработени се на терен и иницирано е свикување на локалниот Главен штаб за управување со кризи на Општина Тетово.
„Инаку, на терен со пумпи за испумпување на водата од критични места и помош на граѓаните се излезени Територијалната противпожарна единица и од ДЗС Тетово, припадници од МВР за регулирање на сообраќајот, особено онаму каде што не може да се помине под поплавени подвозници“,
информира ЦУК.

Фотографии од поплавени улици на социјалните мрежи се споделуваат и од Битола, која, исто така, беше зафатена од невремето.

Пороен дожд, на места проследен со врнежи од град и грмотевици, имаше попладнево и во Куманово и околните села. Голем град беше забележан и во Охрид.

Силно невреме со голем град имаше и во Општина Лозово – Дурфулија и дел од Каратманово, каде се уништени лозови и овошни насади и пластеници со раноградинарски култури.


Град имаше и во Полошкиот регион, а силна нестабилност со грмотевици и дожд има и во скопско, каде краткотрајно се можни и поинтензивни просеци со град и силен ветер.
Од ЦУК наведуваат дека уште во претпладневните часови е забележана нестабилност во западните делови од земјава, најпрво во Охридско-Преспанскиот регион, а потоа интензивна линија на нестабилност се разви и се прошири од Полошкиот регион на југ се до Пелагонија.
Согласно информациите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), ЦУК препорачува граѓаните да избегнуваат локално движење во и покрај суводолици и други стари корита – водотеци, како и во долови по кои порано се слевале порои од обилни дождови.
Според прогнозите на УХМР, до крајот на денот времето ќе биде нестабилно во поголем дел од земјата, во форма на невреме со интензивен пороен дожд, електрични празнења, силен ветер и појава на град.