Покрај домаќинот, претседателот Стево Пендаровски, во улога на кодомаќини на состанокот учествуваат и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар. Тие ги пречекуваа лидерите на другите земји учеснички во Процесот во хотелот „Хилтон“ каде што се одржува состанокот
Во хотелот „Хилтон“ во Скопје претпладнево започна состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони. Во фокус на годинешниот состанок се европските интеграции, климатските промени и иселувањето на младите.
Покрај домаќинот, претседателот Стево Пендаровски, во улога на кодомаќини на состанокот учествуваат и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар. Тие ги пречекуваа лидерите на останатите земји учеснички во Процесот.

Присутни се и српскиот претседател Александар Вучиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи, албанскиот претседател Бајрам Бегај, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, и членовите на претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ.

По пленарниот состанок, претседателот Пендаровски ќе одржи заедничка прес-конференција со словенечката претседателка Пирц Мусар и со претседателот на Хрватска Милановиќ.
Лидерите од регионот кои учествуваат денешниот состанок синоќа во вилата „Водно“ во Скопје беа пречекани од претседателот Пендаровски кој изрази очекување за конструктивна дискусија.
Процесот Брдо-Бриони првпат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска, во Брдо кај Крањ. Главната цел на процесот е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.