Бугарскиот премиер Кирил Петков предмалку пристигна во Битола, на отворање на клуб во состав на културниот центар „Ванчо Михаилов“.

Освен Петков, во Битола е и потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и поранешната шефица на дипломатијата Екатерина Захариева.
Од Министерството за внатрешни работи за „360 степени“ потврдија дека градот е под засилено полициско обезбедување, што е пракса кога во земјава доаѓа висока делегација.
По повод доаѓањето на бугарската делегација, во Битола се најавени повеќе протести, а претпладнево, жители на битолското село Кравари на мирен собир истакнаа транспаренти со натписи „Гоце=Македонија“, „Кога ќе признаете дека има Македонци во Бугарија?“, „Фашисти пресоблечени во администратори“.
Петков e прв бугарски премиер кој ќе престојува во Битола, кој претходно истакна дека во делегацијата што ја предводи ќе има многу луѓе од различни партии, што ќе дадат поддршка на бугарската заедница во Северна Македонија, и кои ќе потврдат дека, како што рече, Република Северна Македонија треба да биде дел од Европа и дека двете страни ќе се движат во таа насока.