Пенов доаѓа како предлог на ЛДП со оглед дека Министерството за локална самоуправа ѝ припадна на оваа партија при распределбата на ресорите помеѓу коалициските партнери

Новиот министер за локална самоуправа Ристо Пенов ја презеде функцијата од неговиот претходник Горан Милевски.
Примопредавањето на функцијата се случи во министерскиот кабинет, а следуваше откако претходно денеска Пенов со 63 гласа „за“ во Собранието беше изгласан за нов министер.
„На средбата се разговараше за реализацијата на тековните проекти на Министерството за локална самоуправа, за имплементација на политиките за локален и регионален развој, за спроведувањето на ИПА Програмите за прекугранична соработка, како и за финансиската поддршка на општините и на планските региони што се реализира од буџетските програми на Министерството за локална самоуправа и на Бирото за регионален развој“,
соопштија од Министерството за локална самоуправа.
Милевски оставката ја поднесе кон средината на септември годинава од, како што наведе, лични причини.
Освен од министерската, изминатиот период беа гласни и шпекулациите дека до крајот на годината Милевски ќе замине и од лидерската позиција во ЛДП, за каде што како најсериозен кандидат за нов претседател се споменува актуелната потпретседателка Моника Зајкова, која е една од двајцата пратеници што ги има партијата.
Пенов, исто така, доаѓа како кадар на ЛДП со оглед дека Министерството за локална самоуправа и припадна на оваа партија при распределбата на ресорите помеѓу коалициските партнери.
Пенов е поранешен градоначалник на Скопје, функција која ја извршуваше во два мандата (1996-2000 и 2000-2004), а потоа беше и пратеник, исто така во два мандата. Од партиски функции, пак, беше секретар на Демократската партија до нејзиното спојување со Либералната партија во 1997 г., а потоа беше и потпретседател и претседател на Либерално-демократската партија во периодот од 1999 до 2007 година.