По инаугурацијата Пендаровски потенцира дека САД се наши стратешки партнери, а Заев очекува во мандатот на Бајден да се продлабочи сојузништвото меѓу Северна Македонија и САД
Претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи, на покана на американската амбасада во Скопје, ја следеа инаугурацијата новите претседател и потпретседателка на САД, Џо Бајден и Камала Харис, заедно со амбасадорката Кејт Мери Брнз.

По инаугурацијата, тие испратија и честитки до Бајден и Харис.
„Честитки до новиот американски претседател Џо Бајден. САД се наш стратешки партнер кои секогаш ја поддржувале демократијата во земјава и нашите евро-атлантски интеграции“,
наведува Пендаровски.
Заев, пак, во честитката вели со Бајден ќе го продлабочат сојузништвото меѓу двете земји.

„На претседателот на САД, Џо Бајден и на потпретседателката, Камала Харис им го честитам стапувањето на должност и им посакувам мандат исполнет со успешни политики кои обединуваат. Мандат во кој сум сигурен дека американската демократија ќе биде глобален пример што инспирира. Претседателе Бајден, се радувам на времето пред нас во кое верувам дека ќе го продлабочиме сојузништвото меѓу Северна Македонија и САД, како и блиските врски и пријателството меѓу нашите граѓани“,
пишува Заев во честитката.
Во изјавата на амбасадорката Брнз, која ја објавија од амбасадата на САД, таа наведува оти е уверена дека во политиките на Бајден ќе содржат посебен ангажман и однос со сојузниците и НАТО, вклучително и со Северна Македонија.

„На вашиот пат како демократска земја знаете дека демократскиот процес не секогаш е лесен. Потребни се силни институции, принципиелно лидерство и отчетност преку владеење на правото. И вашата, како и нашата земја, демонстрираше дека со текот на времето, преку посветена работа, демократијата се зајакнува. Во последната година, спроведовте успешни избори, влеговте во НАТО и одите напред кон пристапување во ЕУ – тоа се вистински достигнувања за кои е потребна соработка, посветеност и дијалог со граѓаните“,
вели Брнз.
Покрај претседателот и премиерот, од македонските политичари, досега честитка до Бајден упати и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
„Првично му посакувам на претседателот Бајден добро здравје и многу успех на функцијата. Уверен сум дека САД под водство на Бајден ќе останат стратешки партнери на Република Северна Македонија, Албанците и целиот Балкан за време на нашиот веќе неповратен процес кон целосната интеграција во ЕУ, но и во продлабочувањето на традиционалното пријателство со Америка“,
пишува Ахмети во честитката.
