Пендаровски и Марин зборувале и за претстојниот Совет на ЕУ, како и за блокадата од Бугарија, при што, како што информираат од Кабинетот, Пендаровски посочил дека процесот на проширување не треба да биде заложник на внатрешно-политичките ситуации на земјите-членки на Унијата

Финската премиерка Сана Марин, која е во посета на земјава, денеска оствари средба со претседателот Стево Пендаровски. Во фокусот на разговорите беа билатералните односи и соработката меѓу двете земји, перспективите на Северна Македонија за почеток на преговори за членство во ЕУ, новонастанатите политички и економски текови во Европа, како и апликацијата на Финска за членство во НАТО, се вели во соопштението на Кабинетот на претседателот.
Пендаровски и Марин зборувале и за претстојниот Совет на ЕУ, како и за блокадата од Бугарија, при што, како што информираат од Кабинетот, Пендаровски посочил дека процесот на проширување не треба да биде заложник на внатрешно-политичките ситуации на земјите-членки на Унијата.

„Во насока на стабилноста и безбедноста на европскиот континент, претседателот Пендаровски ја поздрави апликацијата на Финска за влез во НАТО. Тој посочи дека Северна Македонија е силен поборник на политиката на отворени врати на НАТО и безусловно го поддржуваме членството на Финска во Алијансата, што ќе ја зајакне безбедноста не само во Северна Европа, туку и на НАТО во целина. На средбата се разговараше и за начините за проширување на билатералната соработка со Финска и справување со геополитичките предизвици наметнати од кризата во Украина“,
се вели во соопштението.
