Само две линии, кои оперираат без возачи и се компјутеризирани, останаа во функција
Голем штрајк денеска ја парализира мрежата на париското метро и градските возови откако работниците во тој сектор ја прекинаа работата и бараат поголемо зголемување на платите од она што им го понудило раководството.

Денешната акција го наруши патувањето на милиони луѓе откако француската компанија за јавен превоз РАТП објави дека шест линии на метрото се затворени, додека преостанатите линии само делумно работат.
Главните градски линии RER север-југ и исток-запад беа исто така силно погодени од штрајкот, додека само две линии, кои оперираат без возачи и се компјутеризирани, останаа во функција.

Вработените во РАТП велат дека штрајкот е последица на недоволното зголемување на платите што го нуди таа државна компанија, која претходно најави подготвеност годинава да ги зголеми платите на своите вработени за 2,7 отсто.
Сепак, синдикатите ваквата понуда ја окарактеризираа како провокација.
Јавниот превоз во Париз беше прекинат неколку пати во последните неколку години, а парижани особено се сеќаваат на повеќемесечните штрајкови во есента 2019 година, кога вработените во јавниот транспорт и железницата протестираа против плановите за пензиски реформи на претседателот Емануел Макрон.

Францускиот претседател подоцна ја укина реформата.