Во последните три дена ова е втор пријавен случај за лице што се фрлило во реката Вардар. Во неделата (11 декември) беше пријавено дека едно лице се фрлило во реката Вардар од мостот „Близнак“ на булеварот „Србија“ во скопски Аеродром
Од водите на Вардар е спасен маж што во реката утринава се фрлил од скалите под Камениот мост во Скопје, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Утрово околу 8:30 часот е пријавено дека од скалите под Камен мост машко лице скокнало во реката Вардар. Веднаш по добиената пријава се преземени мерки од полициски службеници од ЕВР Центар и Бит-пазар и Бригада за противпожарна заштита Скопје, и лицето е извадено живо“,
велат од МВР.
Откако бил извлечен од водата, мажот потоа со итна медицинска помош бил пренесен во скопската Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“.
Во последните три дена ова е втор пријавен случај за лице што се фрлило во реката Вардар.
Во неделата (11 декември) беше пријавено дека едно лице се фрлило во реката Вардар од мостот „Близнак“ на булеварот „Србија“ во скопски Аеродром. Потрагата по лицето од страна на Центарот за управување со кризи (ЦУК), и екипи на МВР траеше повеќе од 24 часа, по што ЦУК информира дека е пронајдено тело во водите на Вардар.
По дополнително направената идентификација од страна на роднините на давеникот, беше утврдено дека се работи за лицето по кое се трагаше.