По тет-а-тет средбата на премиерите, се одржува заедничка пленарна седница на двете влади. По нејзино завршување, Мицкоски и Орбан ќе одржат прес-конференција
Премиерот Христијан Мицкоски информира дека претпладнево остварил средба со својот унгарски колега Виктор Орбан во рамки на македонско-унгарскиот самит во Будимпешта.

„Разговаравме за клучни прашања од заемен интерес, зајакнување на економската соработка, инвестициите, енергетиката, инфраструктурата и европската перспектива на Македонија“,
информира Мицкоски во објава на Фејсбук.
Премиерот и владината делегација што ја предводи претпладнево беа пречекани на платото во кралскиот дворец од страна унгарскиот премиер Виктор Орбан. Делегацијата беше пречекана со интонирање на македонската и унгарската химна, со највисоки државни и воени почести.

По тет-а-тет средбата на двајцата премиери, се одржува заедничка пленарна седница на двете влади. По нејзино завршување, Мицкоски и Орбан ќе одржат заедничка прес-конференција.

Инаку, дел од владината делегација која овие два дена е во Будимпешта се министрите од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, но не и министрите од ЗНАМ и од коалицијата „Вреди“. Портпаролката на Владата Марија Митева во изјава за „360 степени“ вели дека посетата на Будимпешта е протоколарна работа договорена согласно протоколот на Унгарија и дека секое министерство што има пандан за средба, е присутно.