За посетата на Мицкоски на Кочани немаше никаква најава од владината прес-служба, што е вообичаена пракса за други настани на кои присуствува премиерот
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го посетил градот Кочани и се потпишал во книгата на жалост во чест на жртвите од трагичниот пожар, информираа од владината прес-служба.

„Во овие тешки моменти, Кочани, Македонија и целиот наш народ тагуваат за младите животи што згаснаа прерано, за соништата што останаа неостварени. Денес, во тишина, со солзи и со почит, се поклонуваме пред жртвите и нивните семејства. Вечна им слава. Нека почиваат во мир“,
напишал премиерот Мицкоски во Книгата на жалост, известија од Владата.

Посетата беше чин на длабока почит и солидарност со семејствата кои поминуваат низ најтешките моменти, се додава во владиното соопштение.

За посетата на Мицкоски на Кочани претходно немаше никаква најава од владината прес-служба, што е вообичаена пракса за други настани на кои присуствува премиерот.
Премиерот соопшти дека бил во Кочани во неделата, веднаш по трагедијата, и дека престојувал во полициската станица во градот.