Сточарот, при нападот од мечката, откако бил соборен на земја, успеал да се одбрани со нозете, а во тоа му помогнале и неговите две помали кучиња
Шеесет и едногодишен маж бил нападнат од мечка на планината Мукос, кај месноста „Сеча“, во атарот на селото Оморани во Општината Чашка, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Во нападот, мечката го каснала мажот на двете нозе, а тој се здобил и со повреди на грбот и на други делови од телото.
Сточарот, при нападот од мечката, откако бил соборен на земја, успеал да се одбрани со нозете, а во тоа му помогнале и неговите две помали кучиња.
Според информациите што блиските роднини на сточарот ги пренеле до ЦУК, ситуацијата била сериозна бидејќи мечката при повеќекратниот напад се обидувала да го зграпчи и да го касне на стомакот, што можело да биде фатално.
„По нападот, лицето заедно со стадото крави, имало сила да се врати назад во неговата колиба, но таму папсало, изгубило сила, а и најверојатно заради претрпениот шок не се јавило веднаш за помош, при што поминало цело едно деноноќие“,
се вели во соопштението од ЦУК.
Блиските од семејството, при комуникацијата со ЦУК, рекле дека мечката го напаѓала стадото и другпат, но овојпат директно го нападнала сточарот, кога тој доцна попладне во неделата го враќал стадото крави од пасење. Истата мечка, се додава во соопштението од ЦУК, во последните три години постојано го напаѓала стадото, при што само во последната година има убиено три крави и неколку телиња.
Блиските роднини на сточарот, откако тој не им се јавил на телефон, отишле во колибата каде што тој престојувал и го нашле повреден и под голем стрес.
Првично, додаваат од ЦУК, го згрижиле, а потоа го однеле во велешката болница, каде што му била пружена соодветна медицинска нега и му биле дадени соодветни лекови.
На нозете на повредениот сточар, покрај раните од каснувањето, имало и отоци кои биле последица од борбата со мечката за да не го касне за стомак.
Сточарот на едната нога имал и помала скршеница, која била медицински третирана.
Повредениот 61-годишен сточар, од ЦУК велат дека е на домашно лекување.