Освен 15 050 австралиски долари, кај лицето биле пронајдени и 10 илјади евра кои, исто така, не ги пријавил. Еврата му биле вратени на патникот, а австралиските долари се задржани и согласно регулативата ќе бидат предадени во Народна банка, информираат од Царинската управа
Петнаесет илјади австралиски долари заплениле царинските службеници на граничниот премин „Ќафасан“. Доларите биле пронајдени кај македонски државјанин кој сакал да ги внесе во државава, без притоа да ги пријави кај царинските службеници.
„Запленети се 15 050 австралиски долари откако македонски државјанин на влез во државава на граничниот премин ’Ќафасан’ кај царинските службеници пријавил само две илјади долари, иако со себе носел поголема сума девизи. Поради сомневање, царинските службеници пристапија кон личен претрес при што во рачната чанта му пронајдоа 10 илјади евра и 15 050 австралиски долари“,
информираат од Царинската управа.
Пронајдените 10 илјади евра, согласно Законот за девизно работење, на патникот му се вратени, додека преостанатите се задржани и согласно регулативата ќе бидат предадени во Народна банка.
Од Царинската управа велат дека против лицето до надлежниот суд е поднесена пријава за девизен прекршок.