Кокаинот на пристаништето во Солун пристигнал од Еквадор и бил скриен во три контејнери натоварени со банани, а потоа требало да биде дистрибуиран во повеќе земји

Македонската и грчката полиција изминатите два дена во Солун заплениле 105 килограми кокаин, како и 280 000 евра и разбиле меѓународна криминална организација за трговија со дрога. Во заедничката акција на двете полиции лишени се од слобода 10 лица. Седум од овие лица биле државјани на Република Грција, три на Република Албанија, додека во Република Северна Македонија се лишени од слобода четири лица, кои биле нејзини државјани. Кокаинот на пристаништето во Солун пристигнал од Еквадор и бил скриен во три контејнери натоварени со банани, кој потоа требало да биде дистрибуиран во повеќе земји.

„Кокаинот на пристаништето во Солун пристигнал скриен во три контејнери натоварени со банани од Еквадор, кои биле нарачани и платени од страна на правно лице од Скопје. Сопственик и управител на правното лице е А.К. (70) од Скопје, кој во текот на 2022 година го регистрирал правното лице во договор со С.Г. (58) од Гевгелија, со цел истото да се користи за увоз на овошје од Јужна Америка“,
се вели во извештајот од македонското Министерство за внатрешни работи.

По пристигнувањето во Солун контејнерите биле преземени од товарно моторно возило со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од триесетгодишниот македонскиот државјанин М.М., кој бил ангажиран од страна на С.Г..
„Откако М.М. го презел и натоварил контејнерот, тој со товарното моторно возило се упатил во магацин во близина на Солун. По кратко време, од страна на Службата за дрога од Солун во магацинот пронајдено е возилото и во него се пронајдени и запленети 105 килограми кокаин. М.М. се дал во бегство, но откако денеска (10.05.2023) преку зелениот појас на државната граница помеѓу Република Грција и Република Северна Македонија влегол на наша територија, тој е лишен од слобода од страна на нашите полициски службеници“,
велат од МВР.

За да се обезбедат дополнителни докази, од МВР велат дека во вечерните часови изминатите два дена, биле извршени претреси во домот каде што престојува А.К. и на која адреса е регистрирано и правното лице, претрес во домот кај С.Г. во Гевгелија, како и во деловните простории на две правни лица каде истиот е сопственик и управител. Исто така, претрес бил извршен и во домот кај триесетгодишната С.М. во општина Богданци, сопственичка и управител на правното лице на кое биле регистрирани товарното моторно возило и приколката.
„За време на претресите пронајдена е и одземена документација од правните лица поврзана со набавка и увоз на овошје од Јужна Америка, мобилни телефони, пари и други предмети кои ќе послужат како доказ во понатамошната постапка“,
велат од МВР.

Од МВР велат дека лицата се лишени од слобода и во текот на денешниот ден од страна на Единицата за недозволена трговија со дрога при СВР Скопје до Јавен обвинител од ОЈО за ГОКК ќе биде поднесена кривична пријава.
Случајот, додаваат од МВР, е реализиран како резултат на повеќемесечна размена на информации и веќе успешно воспоставената соработка со Службата за борба против дрога од Солун.