На денешниот протест од Конфедерацијата на слободни синдикати го изразија своето незадоволство поради носењето на предлог-Законот за административни службеници, кој е влезен во собраниска процедура по скратена постапка

„Не за кршење на законите и колективните договори. Да за почитување на гласот на работниците. Да за пристојна плата, да за пристојна работа, да за пристоен живот“, пишуваше на транспарентот што денеска стоеше пред Собранието за време на протестот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС).
Тие денеска пред законодавниот дом го изразија своето незадоволство поради носењето на предлог-законот за административни службеници, кој е влезен во собраниска процедура по скратена постапка.
Со предлог-законот за административни службеници, претседателот на КСС, Благоја Ралповски, вели, се изземаат круцијалните права на работникот, вадење на минималната плата, како и непочитување на Законот за минимална плата.
„Овој закон нема ништо европско, со овој закон само се поттикнува непотизмот и примитивизмот. Вадеењето на минималната плата да важи од март, а сите други одредби од 01.01.2025 година, мислиме дека не е време да се носи еден ваков закон, како што го кажуваат реформски и европски, а нема ништо европско, ниту реформско“,
рече Ралповски.




Според него, поголемиот дел од работниците во јавниот сектор ќе продолжат да земаат минимална плата и нема да добијат усогласување на платите во март и, како што рече, не може да има државни службеници што земаат минимална плата, а да се бара професионалност од администрацијата.
„Оној закон што е закачен на ЕНЕР беше дозволен за јавна дебата, но овој закон не беше ставен на ЕНЕР, ние првпат го видовме во собраниска процедура. Овој закон е поставен шверцерски, без јавна дебата и не знам зошто пратениците од мнозинството се обидоа да нè отфрлат нас како синдикати коишто баравме јавна дебата. Не знам која е потребата, ние кажавме уште при потпишувањето на општиот колективен договор дека имаме камен на сопнување, но и тогаш кажавме, а ќе кажеме и сега дека ќе си ги браниме нашите права онака како што ги браневме многу години наназад, низ протести и штрајкови“,
рече Ралповски.
Тој вели и оти не е исполнето ветувањето при потпишувањето на општиот колективен договор од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска дека ќе се допреговара овој дел од Законот.
„Очигледно си најдоа партнер со којшто сакаат да си го потишат општиот колективен договор и овој дел што беше ветен од министерот Бесими и министерката Јована Тренчевска, не беше исполнет, така да се потпиша без да се реши овој проблем“,
додаде Ралповски.
Конфедерацијата на слободни синдикати на денешниот протест беа посетени од пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.