Од ОЈО ГОКК велат дека британскиот амбасадор во Приштина кој присуствувал на средбата со обвинителите истакнал оти соработката меѓу ефективните и независни институции е клучна за ставање крај на маѓепсаниот круг на криминал и корупција кој ја поткопува довербата на јавноста во правосудниот систем
Шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази, предводеше делегација на средба со главниот обвинител на Специјалното обвинителство во Косово, Блерил Исуфај, на која разговарале за меѓународната соработка и потребата таа да се зајакне и продлабочи.
Во цитираната изјава што ја пренесуваат од ОЈО ГОКК, Абази вели дека е уверен оти средбата ќе придонесе директната соработка да се засили и да се остварат заеднички видливи резултати во иднина.
„Во многубројни случаи имаме пракса за директна комуникација и соработка помеѓу обвинителствата во соседните држави и државите во ЕУ, а сè со цел да се прибават докази, да се забрзаат постапките за меѓународна правна помош, како и да се реализираат заеднички истраги. Оваа соработка е секогаш во согласност со националното законодавство и прописите на меѓународното право. Ние сме отворени за соработка и се трудиме да им излеземе во пресрет на земјите баратели, а се со цел сторителите на кривичните дела за кои се водат постапки да бидат изведени пред лицето на правдата и да ги добијат заслужените казни“,
вели Абази.
Дел од делегацијата со него била и обвинителката Наташа Поп Трајкова која на средбата зборувала за улогата што ја има македонската Национална единица за сузбивање на трговија со луѓе и криумчарење мигранти, а со која раководи токму таа. Поп Трајкова, како што се пренесува во соопштението, најавила оти во наредниот период ќе се прават напори да се обезбеди ефикасно спроведување на проактивните истраги за трговија со луѓе и криумчарење мигранти и преку криминалистички разузнавање и профилирања да се откријат организираните криминални групи и да се обезбедат валидни докази за нивно гонење.
„Ќе се работи на остварување на мерките и активностите на Националната стратегија согласно Акцискиот план и ќе се работи на видливост и градење на доверба во Националната единица, што е една од можностите за намалување на црната бројка на жртвите. Од септември започнува нов проект насочен токму на оваа област и имаме можност директно да учествуваме при креирањето на проектните активности и се надеваме дека ќе успееме да направиме барем дел од она што го замислуваме и пред сè да го истрасираме патот за одржливост на активностите поврзани со трговија со луѓе и криумчарење мигранти“,
најавија Поп Трајкова.
Покрај со шефот на Специјалното обвинителство, Абази, Поп Трајкова и другите во Приштина се сретнале и со државниот косовски обвинител Бесил Кељменди и со британскиот амбасадор во Косово, Николас Абот.
Од ОЈО ГОКК велат дека амбасадорот кој присуствувал на средбата со обвинителите истакнал оти соработката меѓу ефективните и независни институции е клучна за ставање крај на маѓепсаниот круг на криминал и корупција кој ја поткопува довербата на јавноста во правосудниот систем.