Според временската прогноза, денеска ќе продолжи да врне дожд во текот на целиот ден, на некои места поинтензивно. Нивото на водите расте, а итните служби се на терен. Областа Чазма сè уште се опоравува од страшното невреме што ја зафати во четвртокот и предизвика огромни штети
Повеќе градови и региони во Хрватска се соочуваат со невреме и поплави од кои се предизвикани големи штети, јавуват тамошните медиуми.
Метеоалармот предупредува дека делови од земјата денеска се во црвена зона. Времето е исклучително опасно во Кварнер и на западниот брег на Истра. Целиот брег, Далмација и регионот Госпиќ се во портокалова зона, а копнениот дел е во жолта.

Како што јави дневник.хр, Хрватскиот противпожарен сојуз информира дека поради обилните врнежи во горниот тек на Купа и зголемувањето на нивото на водата, како и воведувањето на мерките за заштита од поплави, три противпожарни возила и седум пожарникари се распоредени од жупанијата Меѓумурје во Карловац.

Поради поплавување на патишта и објекти на подрачјето на Петриња, ангажирани се шест екипи за справување со поплави, а во готовност се и други доброволни противпожарни единици од округот.

Фото: Твитер-профил на Хрватска противпожарна заедница
На санирање на последиците од невремето работат и пожарникари во другите жупании, па во последните 24 часа се евидентирани 138 интервенции.
Поради локално пообилните врнежи, на места на коловозите останува поголемо количество вода, а поради невремето има и ограничувања на некои патни правци на крајбрежјето, предупреди утрово Хрватскиот авто клуб (ХАК).
Вчера беше прогласена вонредна состојба поради наглото покачување на нивото на водата во сливот Купа во близина на хрватско село – Купа. Невремето создаде проблеми и во Бановина, а во областа Чазма дури вчера беа видливи вистинските штети од силното невреме што во четвртокот урна покриви, камиони и дрвја.

Фото: Министерство за внатрешни работи на Хрватска
Со оглед на тоа што се очекуваат врнежи од дожд и пораст на водостојот и во текот на денешниот ден, противпожарната бригада продолжува со подготвеност и превентивни акции за спречување поплави на објекти и патишта.