Две лица од државниот карантин во центарот на Битола се задржани во хотелот за понатамошно испитување. Останатите граѓани без симптоми на коронавирус се пуштени дома, каде ќе треба да останат во самоизолација уште две недели
Повратниците од странство, кои на 27 март беа сместени во државен карантин во хотел во центарот на Битола, попладнево си заминаа дома.
Екипата на „360 степени“ забележа колона од автомобили на паркингот во центарот на градот, каде граѓани со заштитни маски и ракавици, го чекаа излегувањето на нивните блиски.

„Има луѓе од различни градови. Чекаме да заврши последниот здравствен преглед во хотелот и да ги пуштат дома“,
ни рече еден од граѓаните.

Директорката на Центарот за јавно здравје во Битола, д-р Елизабета Крстевска, за „360 степени“ вели дека само кај едно лице е забележана висока температура и заедно со роднината со кој биле во иста соба, се задржани во хотелот за утре да им бидат направени дополнителни испитувања.
Другите граѓани, без симптоми и тестирање за ковид-19, се пуштени дома.

„Сите си заминаа без симптоми. Ги прегледа доктор од Здравствениот дом, остана само една пациентка со покачена температура. Таа беше во собата со уште еден член од семејството и останаа во хотелот. Во зависност од нејзината состојба, ќе се знае што понатаму. Другите не се тестирани, но без симптоми се испратени дома, каде ќе треба да останат во изолација уште 14 дена“,
изјави Крстевска.
Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, вели дека станува збор за 42 граѓани, а по нивното излегување, во хотелот ќе бидат примени нови македонски државјани кои се враќаат од странство.

„Утре ќе бидат сместени нови гости, откако се ќе биде исчистено и дезинфицирано“,
изјави Рашковски за „360 степени“.
Хотелот „Широк Сокак“, кој работи во склоп на „Епинал“, беше првиот државен карантин во Битола за изолација на лицата кои се враќаат од странство преку хуманитарните летови што ги организира Владата.
Нивното сместување предизвика револт кај дел од локалните жители, кои на социјалните мрежи ширеа говор на омраза, а некои упатија дури и повици за насилство. Од Министерството за внатрешни работи информираа дека го следат случајот и најавија санкции.
Поврзани вести:
Револт за првиот државен карантин во Битола – Општината апелира на солидарност
(ФОТО) Граѓани кои слетаа од Малта се сместени во карантин во хотел во Битола