Од МВР велат дека по извршеното вештачење и консултација со јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство во Гостивар, ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка
Денеска при претрес на семејна куќа и други простории во гостиварското село Ломница, полициски екипи пронашле и одзеле автоматски пушки и муниција, соопштија од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Во случајот, од слобода се лишени 23-годишниот Е.Ф. и неговиот татко С.Ф. кај кого, според полицијата, било пронајдено оружјето.
Претресот, како што се наведува во соопштението, бил извршен од страна на Единицата за сериозен криминал и кривични дела против културното наследство при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал.
Полицијата постапувала по судска наредба, поради основано сомневање за сторено кривично дело во врска со членот 396 од Кривичниот законик, кој се однесува на недозволено изработување, држење и тргување со оружје и распрскувачки материи.
„При претресот од лицето С.Ф. (татко на Е.Ф.) пронајдени и одземени се две автоматски пушки, четири рамки за автоматски пушки, 231 куршум за автоматска пушка и 20 патрони за ловечка пушка“,
се наведува во соопштението на МВР.

Со осомничениот С.Ф. бил извршен службен разговор во полициската станица во Гостивар, во кој тој појаснил дека пронајденото оружје и муниција се негови.
Од МВР велат дека по извршеното вештачење и консултација со Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство во Гостивар, ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка.
