Македонскиот претседател во своето обраќање на свеченоста рече дека во услови на мултиплицирани кризи и безбедносни предизвици во Европа и на глобално ниво, на Западниот Балкан наместо рециклирање на анахроните митови од 19 век, во оваа трета деценија на 21 век, му се потребни демократски реформи, забрзан економски раст и инфраструктурно поврзување
„Ние ништо не бараме од вас и немаме никакви услови за било што. Ништо не очекуваме и единствено што би сакале е да имаме подобри и поблиски односи. Ние не ви бараме никакви промени на Уставот, тоа е ваша внатрешна работа. Ние не ви бараме ништо и единствено од вас очекуваме и се надеваме да ја прифатите нашата братски пружена рака. Немаме ниту еден меѓусебен проблем“, рече српскиот претседател Александар Вучиќ во неговото обраќање на Светосавската академија на која присуствуваше за прв пат
Врвен приоритет на македонската држава е негувањето на соживотот во нашето мултиетничко, мултијазично и мултирелигиско општество. Како уставно призната и општествено ценета, српската заедница е нераздвоен дел од македонскиот мозаик и активно придонесува за изградбата и за развојот на нашата заедничка македонска татковина.

Ова, меѓу другото, вечерва во своето обраќање на годишната Светосавска академија го истакна претседателот на државата Стево Пендаровски честитајќи го го воедно 27 јануари – Националниот ден на српската заедница во земјава.
На годинешната 15. по ред Свечена академија по повод одбележувањето на Свети Сава, за прв пат присуствуваше и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој беше дочекан со аплауз и кој имаше свое обраќање. Пред присутните говореше и македонскиот предмиер во оставка и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Меѓу присутните во првиот ред со Пендаровски, Ковачевски и Вучиќ, беа и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со дел од партиското раководство.
„Добрососедството, втемелено врз заемно почитување и соработка врз рамноправни основи, е единствената алтернатива на ретроградните процеси и на заострената реторика што, за жал, сѐ почесто се слуша во нашиот регион. Оваа традиционална Светосавска академија е уште една прилика, на симболичен начин да ги потврдиме нашите добри намери и да продолжиме да градиме мостови на соработка меѓу двете пријателски држави, менувајќи го вековниот имиџ на нашиот регион од проблематичен во просперитетен дел на Обединета Европа“,
порача претседателот Пендаровски во неговото обраќање.
Македонскиот и српскиот народ имаат децениска историја на соживот, вели Пендаровски
Тој се осврна на настаните кои придонеле во градењето на добрите билатерални односи меѓу двете држави изминатите години, како обновата на евхаристичкото единство меѓу Македонската православна црква ─ Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и Српската православна црква, што, како што додаде, не само што ги спушти тензиите во тој сегмент од нашите взаемни односи, туку ја отвори и можноста за прославување на најголемиот македонски празник, 2 Август – Илинден, на местото каде што е формирана современата македонска држава – во манастирот „Св. Прохор Пчински“.
„Ваквиот однос не треба да изненадува. Македонскиот и српскиот народ имаат децениска историја на соживот, вклучително и во поранешната заедничка држава. Од взаемното почитување се развија и лични пријателства и роднински врски кои траат со генерации. Во тој контекст, македонската заедница во соседна Република Србија и српската заедница кај нас се стабилен мост на пријателство меѓу двете држави“,
рече Пендаровски.

Македонскиот претседател нагласи дека во услови на мултиплицирани кризи и безбедносни предизвици во Европа и на глобално ниво, на Западниот Балкан наместо рециклирање на анахроните митови од 19 век, во оваа трета деценија на 21 век, му се потребни демократски реформи, забрзан економски раст и инфраструктурно поврзување.
„На Балканот одамна е дојдено времето за решавање на секојдневните проблеми и реалните потреби на обичниот човек. Најсериозната долгорочна безбедносна закана за државите од регионот е да останеме без нашите млади луѓе. Ако сакаме нашите граѓани да не се иселуваат насекаде низ Европа и светот, треба да градиме инклузивни и праведни општества на благосостојба во кои луѓето ќе сакаат да живеат и да формираат семејства. А тоа ќе го направиме ако работиме на меѓусебното поврзување и наше заедничко интегрирање во големото европско семејство на народи“,
потенцира Пендаровски.

Вучиќ: Србите немаат поблизок народ од македонскиот
Српскиот претседател Александар Вучиќ истакна дека Србите немаат поблизок народ од македонскиот и оти тоа јасно го кажува пред јавноста на двете земји.
„Ние ништо не бараме од вас и немаме никакви услови за било што. Ништо не очекуваме и единствено што би сакале е да имаме подобри и поблиски односи. Ние не ви бараме никакви промени на Уставот, тоа е ваша внатрешна работа. Ние не ви бараме ништо и единствено од вас очекуваме и се надеваме да ја прифатите нашата братски пружена рака. Немаме ниту еден меѓусебен проблем“,
рече Вучиќ.
Нагласи дека двете земји имаат поставено големи цели, се наоѓаат на европскиот пат, на кој, како што кажа, не е лесно да се остане „без да се откажеш од своите традиционални пријатели и да не им го свртиш грбот во тешките моменти“
„Како Сава ги избираме начините на кои ги остваруваме нашите цели и благодарение на неговите лекции јасно ни е дека мирот и единство се основните услови за наш опстанок и развој. Во бурни времиња Свети Сава знаеше да примени бурни потези, но само кога беа потребни за воспоставување на единството и зачувување на мирот, и на запад ја бараше круната, а на исток архиепископијата. Најважно е што го избра училиштето и законите – она што е најважно и за денешнината“,
рече Вучиќ.

Ковачевски: Мојата прабаба има оставено аманет да го почитуваме Свети Сава
Премиерот во оставка Димитар Ковачевски посочи дека одбележувањето на Свети Сава за нас и за нашата држава е порака за заедништво, почит и меѓусебна соработка, бидејќи мисијата на овој светител била да се има трпеливост, помирување помеѓу луѓето, ширење на љубов и меѓусебна почит темелена на вистина и верба.
Нагласи дека секоја втора куќа во Куманово (градот од кој потекнува и тој) има некого кој е Србин по род и затоа, додаде, Куманово со својата разноликост претставува еден од најубавите градови во државата. Порача дека со Србија имаме цврсти и искрени пријателски односи и додаде дека во изминатите неколку години се обезбедени многу олеснувања за граѓаните од двете земји преку различни економски иницијативи во рами на иницијативата „Отворен Балкан“.
Своето обраќање Ковачевски го заврши со аманетот што го оставила неговата прабаба.
„Мојата прабаба има оставено аманет на мојата баба Вероника, секој Св. Сава да оди во црква и да освети колач и да го подели на сите свои внуци, деца за да им оди школото. Има вистина во таа работа бидејќи во нашето семејство имало доктори, технолози, економисти, адвокати, хирурзи, добри музичари. И има некоја сила во Св.Сава што Вероника тоа го остави како аманет и на мојата мајка, мојата мајка на мојата сестра, на мојата сопруга и веројатно во наследство ќе остане и за идните генерации после тоа“,
рече Ковачевски.

Претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија и претседател на Организацискиот одбор за однечежување на националниот ден на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ посочи дека оваа Светосавска академија е најдобра од сите 14 претходни затоа што на неа за прва пат присуствувал претседателот на Србија Александар Вучиќ, а по првпат е присутен и претседателот Стево Пендаровски.
На Свечената Светосавска академија присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и потпретседателот на партијата Александар Николоски.
„Толеранцијата и соживотот се вековна традиција која се негува во нашата заедничка татковина. Токму довербата и уважувањето меѓу двата народи, српскиот и македонскиот, се најцврстиот мост на пријателство кој може да се изгради. Нивната лојалност е доказ за тоа како се придонесува и гради државата“,
напиша Мицкоски на својот фејсбук-профил.
На свеченоста, Светосавска повелба доби македонскиот поет и писател, академик Влада Урошевиќ.