Овој орден го доделува украинскиот претседател Зеленски за значајни лични заслуги во зајакнувањето на меѓудржавната соработка, поддршката на државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Украина

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, го прими орденот „Јарослав Мудриот“ што го доделува украинскиот претседател, Володомир Зеленски.
Наградата му ја врачи претседателот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук, на церемонија во Загреб каде се одржува првиот парламентарен самит на Меѓународната Кримска платформа, на кој ќе учествуваат 34 претседатели на парламенти.

„Особено сум почестен што, во име на претседателот на Украина и украинскиот народ, претседателот Стефанчук ми го додели орденот Јарослав Мудриот за значајни лични заслуги во зајакнувањето на меѓудржавната соработка, поддршката на државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Украина, значителен придонес во популаризацијата на украинската држава во светот“,
вели Џафери.
Списокот на лица на кои Зеленски ја доделува наградата беше објавен пред два дена, а на него заедно со Џафери се најдоа уште 12 лица, меѓу кои и Ненси Пелоси, претседателката на Претставничкиот дом на САД.
Џафери во април годинава ја посети Украина со цел да ја потврди општата определба на државата да ја поддржи Украина и украинскиот народ, при што напомена дека физичкото присуство во оваа држава значи и лична, но и институционална поддршка на напорите на украинските институции да го врати мирот и контролата врз целата своја територија.