Неговото обраќање беше бојкотирано од дел од делегациите, кои станаа и ја напуштија конференциската сала веднаш откако претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи, го најави обраќањето на шефот на руската дипломатија
Ова што моментално се случува во ОБСЕ не е вистинскиот начин на кој треба да се третираат европските безбедносни прашања. Западните престолнини постапуваат така што го поткопуваат работењето на Организацијата. Поделбите на континентот ја поткопуваат безбедноста што ја креира ОБСЕ и доблесната идеја на која почива процесот од Хелсинки, истакна денеска во Скопје во своето обраќање на 30. Министерски состанок на ОБСЕ, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Тој изјави дека традиционално овие состаноци завршуваат со позитивни и охрабрувачки пораки, но според него, во моментов нема простор за оптимизам. ОБСЕ, според Лавров, е претворена во Организација која им служи на интересите на НАТО и ЕУ и се поставува прашањето дали е мудро таа да биде витализирана.
Според рускиот министер за надворешни работи, сегашните случувања го доведуваат во прашање и функционирањето на ОБСЕ како форум за објективно решавање на глобалните проблеми и го поткопуваат принципот на еднакви права на сите учесници.
Во долгиот говор на Министерскиот состанок, Лавров рече дека сега има повеќе прашања отколку одговори, како и дека во моментов на глобално ниво не постои баланс на интересите, но напомена дека во меѓувреме животот не запира.
Тој се осврна на повеќе случувања во минатото, нагласувајќи дека земјите од НАТО и ЕУ ја уништиле воено-политичката димензија на ОБСЕ. Лавров истакна дека во 1999 година НАТО извршил брутална агресија врз Југославија, членка на ОБСЕ, а го спомена и, како што рече, одземањето на Косово од Србија и кршењето на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединети нации.
„Во тој поглед, со жалење можеме да кажеме дека ОБСЕ ја дочекува оваа годишнина во жална состојба, а нејзините перспективи се нејасни“,
рече рускиот министер, осврнувајќи се на 50-годишнината од Организацијата.
Лавров говореше и за останатите прашања кои ја засегаат Русија, а за кои кажа дека се поттикнати од западната политика, Грузија, Јужна Осетија, Приднесторовие, Молдавија, Донбас, Украина, а ги спомена и санкциите кои Западот ги воведе кон Русија, а кои ги означи како обид да ја урнат руската економија.
Осврнувајќи се на Украина, тој ја обвини земјата дека сака да избрише сѐ што е руско во неа, нагласувајќи дека таа не признава постоење на руско малцинство, дека го забранува законски рускиот јазик и дека води „одвратна кампања“ против руската црква во земјата. И сето тоа, нагласи Лавров, не е по последната руска интервенција, туку почнало во 2014 година, веднаш по договорот за мир склучен со гаранција на Германија, Франција и Полска. Со порака дека „неонацистите се добредојдени во ЕУ“, тој заклучи дека нема место за оптимизам и дека ОБСЕ станал говорник на западните земји.
Според Лавров, Молдавија е следната жртва во хибридната војна на Западот против Русија.
Дел од делегациите ја напуштија салата
Рускиот министер за надворешни работи веднаш по завршувањето на говорот ја напушти салата, во која се одржува состанокот. Неговото обраќање беше бојкотирано од дел од делегациите, кои станаа и ја напуштија конференциската сала веднаш откако претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи, го најави обраќањето на шефот на руската дипломатија.
Лавров на маргините на Министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје имаше билатерални средби со шефовите на дипломатиите на Ерменија и на Унгарија, Арарат Мирзојан и Петер Сијаро. Сергеј Лавров имаше и попатна средба со шефот на австриската дипломатија, Алекандер Шаленберг.