Веста за новиот член на Царината ја објави директорот Стефан Богоев откако присуствуваше на последниот дел од обуката на новото куче трагач кое Царинската управа го доби како донација од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ)
Лабрадорот Бади успешно ја заврши специјализираната обука за откривање пари, дрога и оружје и стана дел од тимот на петте кучиња трагачи кои им помагаат на царинските службеници во откривачките акции.
Веста за новиот член на Царинската управа ја објави директорот Стефан Богоев на својот фејсбук-профил.
„Запознајте ги Бен, Рекс, Били и нивниот нов пријател Бади, верните соработници на царинските службеници во борбата против нелегалната трговија со наркотици, оружје и пари. К-9 единицата на Царинската управа располага со кучиња од расата шпрингер шпаниел и новото куче од расата лабрадор. Овие кучиња трагачи учествуваат во повеќе откривачки акции, а речиси 90 проценти од акциите се успешно реализирани“,
пишува Богоев во објавата на Фејсбук.
Тој вчера присуствуваше на последниот дел од обуката на новото куче трагач кое Царинската управа го доби како донација од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).
„Директорот Богоев присуствуваше и на практична вежба на аеродромот ‘Св. Апостол Павле’ во Охрид, каде што беше демонстрирано откривање на недозволена трговија од страна на мобилните тимови со помош на царинските кучиња во реални услови“,
соопштија од Царинската управа.
Богоев изразил благодарност до ГИЗ за досегашната соработка и поддршка и истакнал дека Царината е подготвена за понатамошно интензивирање на соработката во овој домен бидејќи, како што рекол, благодарение на исклучителните способности на кучињата трагачи, покрај што им се олеснува работата на цариниците, значително се подобруваат резултатите при спречувањето на шверцот и недозволената трговија.