„САД покажуваат дека се тука и дека ги поддржуваат НАТО-сојузот и нашиот нов сојузник. Овој прелет е симбол на продлабочувањето на нашето пријателство“, кажа американската амбасадорка во земјава Кејт Брнз.
Шест авиони на грчкото и военото воздухопловство на САД го надлетаа Скопје, со што го поздравија влезот на Северна Македонија во НАТО како 30-та членка на Алијансата.
Воздухопловите полетале од јужната кота, после долг лет влегле во бугарскиот воздушен простор. Оттаму, пресретнати од 4 воздухоплови од типот Ф-16 на грчкото воздухопловство, заедно во формација преку Штип, Велес, аеродромот Петровец прелетаа над Скопје.
Прелетот е израз на нашата трајна поддршка за Северна Македонија, како и гест преку кој ви посакуваме добре дојде како 30-та членка на НАТО-алијансата, кажа американската амбасадорка во земјава Кејт Брнз.
„Иако изминативе недели наш најголем фокус беше на заедничката борба против ковид-19, не треба да дозволиме тоа да ги замагли историските достигнувања на земјата – влезот во НАТО и добивањето зелено светло за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ. САД покажуваат дека се тука и дека ги поддржуваат НАТО-сојузот и нашиот нов сојузник. Овој прелет е симбол на продлабочувањето на нашето пријателство“,
рече Брнз.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вели дека иако прелетот траел неколку минути му претходела долгорочна подготовка преку која нашата армија ја покажала подготвеноста.
„За жал, немавме можност среде пандемијата да го прославиме нашето членство, меѓутоа, денешната, заеднички координирана акција заедно со НАТО-командите, покажа дека интеграцијата не е само политичка туку е реална, воена и одбранбена“
кажа Шекеринска на прес-конференцијата по прелетот.