Договорот, чии главни елементи беа усогласени на политички преговори на крајот на јули и почетокот на август 2001 г. во вилата „Билјана“ во Охрид, предвидуваше уставни и законски промени со кои се унапредуваат правата на албанската етничка заедица во Македонија. За возврат, беше договорено разоружување и расформирање на ОНА
Процедурата за усвојување на 15 уставни амандмани заврши на 16 ноември 2001 година
На денешен ден, пред 21 година (13 август 2001 г.) во Скопје беше потпишан Рамковниот договор, како основа за завршување на воениот конфликт. Договорот, чии главни елементи беа усогласени на политички преговори на крајот на јули и почетокот на август 2001 г. во вилата „Билјана“ во Охрид, предвидуваше уставни и законски промени со кои се унапредуваат правата на албанската етничка заедица во Македонија. За возврат, беше договорено разоружување и расформирање на ОНА.
Охридскиот рамковен договор го потпишаа претседателот Борис Трајковски и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ – Љубчо Георгиевски (тогашен премиер), на СДСМ – Бранко Црвенковски, на ПДП – Имер Имери и на ДПА – Арбен Џафери. Во присуство на гости од меѓународната заедница, настанот се одржа во претседателската резиденција на Водно во Скопје.
На Рамковниот договор стојат и потписите на Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои од името на Европската Унија и на Соединетите Американски Држави ги олеснуваа политичките преговори што доведоа до Договорот.
По потпишувањето на Договорот, во дворот на претседателската резиденција се одржа прес-конференција на која се обратија потписниците.
Процедурата за усвојување на 15 уставни амандмани заврши на 16 ноември 2001 година.