Пред Министерството за неправда симболично ја фрливме крвта на оние што настрадаа од овие криминалци, за да ви покажеме дека се подготвени да ја нагазат оваа крв само за да ги бранат своите позиции, истакна Омер Ајдини од Алијанса за Албанците
Во меѓувреме, списокот со имиња на лица што би требале да добијат намалување на казната затвор по повод Нова година е повлечена од министерот за правда Бојан Маричиќ и тие се повторно вратени до затворските управи на разгледување
Унијата на младите и пратениците од Алијанса за Албанците, во знак на револт поради иницијативата за помилување, го обоија со црвена боја влезот на Министерството за правда, велејќи дека од Министерството се спремни да ја нагазат оваа „крв“ само за да ги зачуваат своите позиции.
Омер Ајдини од Форумот на млади на Алијанса за Албанците истакна дека бараат оставка од министерот за правда, од заменик-министерот и од сите чинители кои ја преземале иницијативата за помилување, за која министерот за правда Бојан Маричиќ рече дека ќе ја повлече.
„Се наоѓаме пред Министерството за неправда да го изразиме својот револт во врска со иницијативата на ова Министерство за помилување на криминалците и крадците во оваа држава. Станува збор за убиецот на малиот Алмир – Бобан Илиќ, за криминалците кои го украдоа државниот буџет од над 17 милиони евра како Сеад Кочан“,
истакна Омер Ајдини од Алијанса за Албанците.
Од Алијансата велат дека ова е кулминација и додаде дека од Министерството имаат единствена цел да ги чуваат своите министерски позиции.
„Пред Министерството за неправда симболично ја фрливме крвта на оние кои настрадаа од овие криминалци, за да ви покажеме дека се подготвени да ја нагазат оваа крв само за да ги бранат своите позиции. Бараме итна оставка од министерот, заменик министерот и целото раководство што ја презеде оваа иницијатива“,
додаде Ајдини.
Претходно во соопштение од Алијансата велат дека „последната изјава на заменик-министерот за правда Агим Нухиу, кој слично дејствуваше и на 27 април, само докажува дека тој и неговите сопартијци се во Владата само за да ги легитимизираат бандитските одлуки на овој режим“.
„Наместо да се огради, Нухиу треба да прецизира дали е кукавица и се крие зад Маричиќ или е марионета која никој не ја прашува за ништо во тоа министерство“,
се вели во соопштението од Алијанса за Албанците.
Во меѓувреме, списокот со имиња на лица кои би требале да добијат намалување на казната затвор по повод Нова година е повлечена од министерот за правда Бојан Маричиќ и тие се повторно вратени до затворските управи на разгледување.
Министерот за правда, пак, денеска изјави дека тој не дава никакви помилувања и оти ниедно спорно име нема да се најде на списоците.
Заменик-министерот за правда Агим Нухиу во објава на Фејсбук се огради од списокот за помилувања на осуденици потпишан од министерот Маричиќ.