Министерот за здравство информира дека се чека финалниот извештај од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), а откако тој ќе пристигне во Министерство за здравство, комисијата ќе заседава врз основа на целата процедура во врска со случајот со 25-годишниот беровец
Министерот за здравство Беким Сали информира дека е формирана стручна комисија за случајот со 25-годишниот беровец што почина по хируршка интервенција на заб. Тој посочи дека се чека финалниот извештај од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), а откако тој ќе пристигне во Министерство за здравство, комисијата ќе заседава врз основа на целата процедура.
Сали посочи дека има апсолутна доверба во членовите на оваа комисија и посочи дека тоа се луѓе што цел живот работат на таа проблематика. Професионалниот дел, вели тој, не може да се дискутира за луѓе што цел живот го работат тоа.
Тој утринава побарал од архивата, но вели сè уште го немаат добиено тој документ.
Министерот нагласи дека откако ќе го докомплетираат целосниот случај со извештајот од ДСЗИ и стручната kомисија ќе излезат во јавност и ќе образложат.
„Сметам дека наши пациенти честопати знаат подоцна да се јават во здравствените установи кога, за жал, честопати немаме веќе што да направиме повеќе од тоа што е направено, но во конкретниов случај ќе дозволиме на стручните лица тоа да го кажат“,
додаде Сали.
Вчера Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) соопшти дека е извршен вонреден инспекциски надзор во сите здравствени установи каде што пациентот се јавил на преглед во врска со здравствената состојба која завршила со смртен исход – матичен стоматолог, матичен лекар и Итна медицинска помош Берово, ЈЗУ Клиничка болница – Штип и ЈЗУ Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар Скопје.
