„Кога е земено детето за да се боцка за анализи, во текот на боцкањето обично работат две сестри – едната држи за да не мрда детето. Притоа, дали намерно или ненамерно, не можеме да тврдиме, се гледа дека има нанесено модринка“, вели директорот Мемеди
Директорот на Универзитетската клиника за детски болести, Реџеп Мемеди во изјава за ТВ24 вели дека е формирана комисија што ќе се занимава со случајот со тримесечното бебе за кое семејството тврди дека било малтретирано од медицинска сестра и се здобило со модринки по телото.
Мемеди вели дека генерално родителите биле задоволни од медицинскиот третман кон бебето за време на прегледот, но се пожалиле на третманот од една медицнска сестра.
„Комисијата ќе донесе заклучици согласно утврдените факти. Ќе ги слушнеме двете страни секако и ќе преземеме мерки. Таа (н.з. медицинската сестра) има свој исказ што ќе го поднесе и во писмена форма. Кога е земено детето за да се боцка за анализи, во текот на боцкањето обично работат две сестри – едната држи за да не мрда детето. Притоа дали намерно или ненамерно, не можеме да тврдиме, се гледа дека има нанесено модринка“,
изјави Мемеди.
Синоќа министерот за здравство Арбен Таравари заедно со директорот на Клиниката го посетиле семејството на детето. Оттаму Таравари потврди дека тоа е повредено и оти има модринки по рацете. Рече дека ќе се преземат мерки против секој кој постапил несоодветно.
„Родителите се жалеа дека можеби не е третирано како што треба на Клиниката. Заедно со директорот дојдовме одблизу да видиме што се случува. Сите пациенти се важни, но децата се посебно важни. Од утре треба специјална комисија на Клиниката да разгледа и да ја слушне и другата страна. Ви гарантирам дека веднаш ќе преземеме мерки против тие коишто постапиле лошо кон детето коешто дојдовме вечерва да го посетиме. Не смееме да се однесуваме лошо кон пациентите“,
изјави Таравари од пред семејниот дом на бебето.
Случајот со бебето кое се здобило со повреди за време на престојот на Клиниката за детски болести вчера го објави порталот „Икс“.