„Среќни сме што и официјално го започнавме влезот на телекомуникацискиот пазар во Северна Македонија“, вели директорот за мобилни и 5Г-стратегии на унгарската телеком-групација, Пал Заранди
Унгарската телеком-групација „Фор-ај-џи“ (4iG), преку својата неодамна основана подружница во земјава „Уан Македонија телекомуникации“, официјално доставил писмо со намери до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), со кое го изразува својот интерес за обезбедување на достапни радиофреквенции како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар во Северна Македонија како нов мобилен оператор.
Овој чекор, како што соопштија од групацијата, претставува значителна пресвртница во плановите на „Фор-ај-џи“ чија цел е за придонесе во модернизација на телекомуникациската инфраструктура во земјава и да внесе засилена конкуренција во овој сектор.
Компанијата, велат оттаму, во текот на следните месеци ќе соработува со АЕК во врска со достапноста на радиофреквенциите, како и за да се обезбеди усогласување со регулаторните рамки и продолжување со долгорочната стратегија за развој во регионот.
Од компанијата е пренесена и изјава на директорот за мобилни и 5Г-стратегии во групацијата „Фор-ај-џи“, Пал Заранди.
„Среќни сме што и официјално го започнавме влезот на телекомуникацискиот пазар во Северна Македонија“,
вели Заранди.
Директорот додава дека го препознале потенцијалот на пазарот и оти се уверени дека нивното искуство во соседните земји, како што се Албанија и Црна Гора, ги става во позиција да даваат најсовремени услуги за клиентите и бизнисите во земјава.
„Секогаш кога ќе одлучиме да влеземе на нов пазар, од клучно значење е да имаме и поддршка од регулаторната средина и подобро да ги разбереме локалните услови“,
вели Заранди додавајќи дека ангажирале домашни и меѓународни експерти за да направат сеопфатна анализа на пазарот во Северна Македонија.
Во соопштението од компанијата уште еднаш еднаш даваат осврт на нивното портфолио, посочувајќи дека станува збор за една од најистакнатите унгарски телекомуникациски компании, која вработува над 8 000 висококвалификувани професионалци и опслужува над 10 милиони конекции во регионите каде што е присутна.
Групацијата, се вели, е посветена на воведување напредни технологии, како 5Г, ИоТ и инфраструктура управувана од вештачка интелигенција, што, како што се додава, ќе го отвори патот Северна Македонија да стане земја со подобра мрежа о поголема компетитивност.
„Нашето истражување на пазарот покажа големи можности поради достапноста на опсегот на фреквенции и секако поради поддршката од регулаторната средина“,
велат од групацијата од каде што додаваат дека достапноста на фреквенцијата е од суштинско значење за градење на мрежата.
Дека унгарскиот телеком-оператор „Фор-ај-џи“поднел документи во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), со што и официјално изразил интерес да стане трет мобилен оператор во земјава, минатата недела во телевизиско интервју соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Ова, како што кажа вицепремиерот во „Само интервју“ на ТВ Канал 5, ќе значи крај на дуополот на двата актуелни мобилни оператори во земјава и намалување на цените на мобилните услуги.
Образложувајќи, Николоски изјави дека одлуката следи откако актуелните мобилни оператори во земјава не направиле ништо во изминатиот период за да ги подобрат условите и цените за услугите кои им ги даваат на граѓаните.
На 18 октомври групацијата соопшти дека по неколку успешни аквизиции во Албанија и Црна Гора, „Фор-ај-џи груп“ започнала со подготовки за влез на пазарот во Северна Македонија, со основање на подружница „Уан Македонија телекомуникации“ (ONE Macedonia Telecommunications).
„Со одлука на Одборот на групацијата донесена минатиот петок, новата компанија ќе биде основана од Antenna Hungária Zrt., дел од 4iG Group, под којашто е телекомуникациското портфолио на инфо-комуникациската групација во Унгарија и во Западен Балкан. Регистрацијата на компанијата е завршена, а со формирањето на оваа компанија, 4iG Group има за цел што поскоро да влезе на телекомуникацискиот пазар во Северна Македонија“,
соопштија тогаш од групацијата.
Најавата за потенцијален влез на трет мобилен оператор во земјава во јули дојде токму од вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој како причина за ова и тогаш ги наведе цените на мобилната, кабелската телевизија и интернет-услугите кои, како што рече, во земјава се повисоки од најголем дел од европските држави.
На почетокот на септември, премиерот Христијан Мицкоски, објаснувајќи го потпишувањето на меморандумот за соработка на Владата со телекомуникацискиот оператор „Фор-ај-џи“ (4iG) рече дека тендер за нов трет мобилен оператор мора да има, а ќе биде распишан во следниот период.
Инаку, за прашањето за евентуален влез на унгарски „Фор-ај-џи“ во Северна Македонија како трет мобилен оператор, во услови кога има стратешко партнерство со кинескиот производител „Хуавеј“, во изминатиот период известуваше „360 степени“.