Свесна сум за тековната работа во врска со измените на Уставот. Првите чекори веќе се направени во Собранието и тоа се добри вести. А, сега се надевам дека сите партии, сите страни ќе ја искористат оваа можност да се придвижат напред, затоа што сега е вистинскиот момент, целата Европска Унија и сите оние земји коишто сакаат да се приклучат кон процесот на проширување, затоа важно е да се искористи тој момент, рече Фон дер Лајен
Премиерот се надева дека, како што рече, оние што секогаш во историјата биле против европските и атлантските интеграции конечно, по првпат во своето политичко постоење, во парламентот ќе покажат дека се за европска иднина на државата
Северна Македонија е суверена држава која ги прави сопствените избори. Изборот е ваш и затоа навистина се надевам дека сите партии, сите страни ќе го искористат тој момент и ќе ги поддржат уставните промени затоа што се работи за вашата иднина, за вашиот избор и сите партии имаат одговорност за иднината на С Македонија, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на денешната прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.
На новинарско прашање да даде коментар што доколку Македонија не го исполни неформалниот рок за промена на Уставот до декември годинава, Фон дер Лајен рече дека сакаат С Македонија да биде членка на ЕУ и се надева токму поради тоа, како што рече, дека движењето напред ќе биде добро и ќе биде поддржано од широко мнозинство.
Околу уставните измени, претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен се осврна и во нејзиното обраќање по средбата со премиерот Ковачевски. Заблагодарувајќи се за, како што рече, одличната работа која е завршена и оти скрининг-процесот се одвива беспрекорно, Фон дер Лајен рече дека се стремат кон тоа оваа година да бидат отворени преговорите во кластерот „Основи“.
„Свесна сум за тековната работа во врска со измените на Уставот. Првите чекори веќе се направени во Собранието и тоа се добри вести. А, сега се надевам дека сите партии, сите страни ќе ја искористат оваа можност да се придвижат напред, затоа што сега е вистинскиот момент, целата Европска Унија и сите оние земји коишто сакаат да се приклучат кон процесот на проширување, затоа е важно да се искористи тој момент“,
рече Фон дер Лајен.
Според неа, овие процеси можат да бидат предизвикувачки и нагласи дека е сигурна дека земјава ќе ја одржи репутацијата како успешно мултиетничко општество.
„Вие веќе го вклучувате она што е мото на Европската Унија, вие го отелотворувате тоа – ’Обединети во разноликоста’. И тоа е причината зошто Скопје го одби престижниот наслов на Европски град на културата 2028 година“,
додаде таа.
Премиерот Димитар Ковачевски, околу уставните измени и што доколку С Македонија не ги направи до декември годинава, го повтори својот став дека е човек што верува во целта и оти работи таа да се оствари.
„Со вакви работи не се калкулира, со вакви работи не се прави личен политички рејтинг, со вакви работи не смее да се игра со емоциите на граѓаните бидејќи тоа ќе значи единствено повторување на оној лош филм кој го гледавме 11 години во државата, кога имавме уназадување на меѓуетничките односи, уназадување во односите со оседите. Лошите искуства од историјата не смеат да се повторуваат. Ќе продолжам заедно со коалициските партнери, со лидерите, да работиме сонот за европска Македонија да се оствари до 2030 година“,
рече Ковачевски.
Ковачевски нагласи и дека С Македонија сега има неповторлива шанса да обезбеди европска иднина за државата со носењето на потребните одлуки во собранието. Премиерот се надева дека, како што рече, оние што секогаш во историјата биле против европските и атлантските интеграции конечно, по првпат во своето политичко постоење, во парламентот ќе покажат дека се за европска иднина на државата.
„Зошто го велам тоа сега? Затоа што, како што кажа и претседателката, сега има отворен прозорец за пристапување кон ЕУ. Ако до пред неколку години, оваа тема воопшто не беше тема на широк консензус помеѓу земјите членки, сега, во овој геополитички момент сите земји се едногласни дека треба да има проширување“,
рече Ковачевски.
Според него, проширувањето, доколку се погледне мапата на Европа, практично значи обединување на Европа бидејќи земјите од Западен Балкан на сите свои граници се опкружени со земји на ЕУ.
„Ние како држава имаме веќе 50 отсто усогласеност на нашето законодавство со ЕУ, имаме институции кои се целосно усогласени со ЕУ, нашиот економски систем е на ниво на перформанси кои што овозможуваат да добива макрофинансиска помош од ЕУ, ако не е така нема ни да се разговара за такви прашања. Затоа сметам дека сите треба да си ја земат одговорноста во свои раце, меѓутоа пред се одговорноста пред сегашните и идните генерации“,
додаде тој.