Денешната нејзина изјава е идентична со онаа што ја даде во Скопје на крајот на минатиот месец
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан на Брдо кај Крањ, истакна дека со овој собир Унијата испраќа многу важна порака до регионот, а тоа е дека Западен Балкан припаѓа во ЕУ.
„Сакаме да испратиме многу јасна порака, а тоа е дека Западен Балкан припаѓа во ЕУ. Ги сакаме во ЕУ. Ние сме едно европско семејство. Ја делиме истата историја, вредности и убедена сум и иста судбина“,
рече таа.
Фон дер Лајен нагласи дека членките на ЕУ сакаат интеграција на Западен Балкан бидејќи знаат дека тоа е добро и за Западен Балкан и за ЕУ.
„Имаме заеднички интереси и заеднички можеме подобро да се развиваме. Интеграцијата на Западен Балкан во заедничкиот пазар мора да напредува. Мојата порака до Западен Балкан е – ние ве сакаме во ЕУ, продолжете со реформите, целта е пред очи“,
рече претседателката на Европската комисија.
Денешната нејзина изјава е идентична со онаа што ја даде во Скопје на крајот на минатиот месец.
„Целосно, од дното на моето срце, го посакувам формалното отворање на пристапните преговори што е можно поскоро. Сакам овие преговори со С Македонија и Албанија да се отворат колку што може побрзо. Ве повикувам да не губите верба. Дојдовте дотука, изодевте толкав пат и постигнавте толкав напредок. Ви честитам на тоа. Ајде сега да направиме уште еден чекор . Имате поддршка од многу пријатели во ЕУ и во Комисијата и ајде да работиме вредно кон одржување на таа прва конференција. Тоа ќе биде нашата заедничка цел. Уште еднаш честитка за реформите, особено во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Сега е важно да се одржи оваа динамика. Сигурна сум дека на крај тоа ќе биде наградено“,
рече Фон дер Лајен.
Денеска во Брдо кај Крањ се одржува Самитот ЕУ-Западен Балкан. Поддршка за евроинтегративниот процес, јасна заложба дека местото на Северна Македонија и на другите земји од Западен Балкан е во Европската Унија, но и можност за придвижување на процесот за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија се очекувањата на македонскиот државен врв.