Фон дер Лајен е на четиридневна турнеја низ шест балкански земји, што, математички, значи дека во некои денови ќе мора да оствари две посети во еден ден. Очигледно е дека таквата „среќа“ ѝ се падна баш на земјава. За споредба, во Албанија таа преноќи, а имаше средби со тамошниот државен врв и вчера и денеска
Дека брзањето не било случајно покажуваат фактите дека и пристигнувањето на Фон дер Лајен пред Владата, како и почетокот на прес-конференцијата со премиерот Христијан Мицкоски, се одржаа порано од предвидените термини. Тоа е невообичаено за земјава бидејќи ваквиот тип настани најчесто доцнат зад агендата
Веќе неколку дена Владата ја најавува денешната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Скопје, во рамките на нејзината четиридневна турнеја на шесте држави од Западниот Балкан.
Токму поради нејзината посета, пред два дена, Министерството за внатрешни работи (МВР) апелираше до граѓаните за трпение оти во главниот град сообраќајот ќе се одвива со посебен режим, особено по сообраќајниците во поширокото централно подрачје.
Во Скопје денеска Фон дер Лајен допатува од Тирана, каде што вчера беше во целодневна посета, а и преноќи.
Утрово околу 9 часот таа оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, со што ја заврши посетата на нашиот западен сосед.
Thanks for a good meeting @BajramBegajAL
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) October 24, 2024
I deeply appreciate your personal commitment to Albania’s future in our Union.
As well as your unique perspective on the region’s reconciliation, integration and prosperity. pic.twitter.com/MZYc4a6lTE
Потоа, Фон дер Лајен се упати кон С Македонија. Нејзината посета и престој во Скопје, од слетувањето до полетувањето на скопскиот аеродром не траеше повеќе од три и пол часа.
Како беше планирано?
Според најавите на Владата, што рано утрово беа испратени до медиумите, предвидено беше во 11:20 часот премиерот Христијан Мицкоски да ја пречека Фон дер Лајен пред Владата, а во 11:30 часот да се одржи нивната тет-а-тет средба. За 12:40 часот беше закажана заедничката прес-конференција.
Иако праксата покажува дека почетокот на одржувањето на ваквите средби и прес-конференции вообичаено доцни, сега и пристигнувањето на Фон дер Лајен пред Владата, како и почетокот на прес-конференцијата со премиерот се одржаа порано од предвидените термини.
Како се одвиваше посетата во Скопје?
Според тоа како пристигнуваа информациите на официјалниот јутјуб-канал на Владата, но и на информациите што се споделуваа на социјалните мрежи, таа на скопскиот аеродром пристигна околу 10:30 часот, каде со букет цвеќе ја пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Нејзиниот пречек пред Владата од страна на премиерот Христијан Мицкоски со највисоки државни и воени почести се случи околу 11:10 часот, десетина минути порано од најавеното. Потоа, Мицкоски и Фон дер Лајен имаа тет-а-тет средба, по што се одржа и билатерална средба меѓу двете делегации.
Некаде околу 12:20 часот почна заедничката прес-конференција меѓу Мицкоски и Фон дер Лајен, која според најавите требаше да се одржи 20-ина минути подоцна.
Конференцијата за печат траеше околу 15 минути.
Потоа, Фон дер Лајен имаше средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, за која немаше претходна најава за точниот термин на одржување.
Сепак, Фон дер Лајен на својот профил на социјалната мрежа Икс во 13:31 часот објави слика од средбата со шефицата на државата, при што упати и честитки што е првата жена претседател на С Македонија.
Congratulations on being North Macedonia’s first woman President, dear Gordana Siljanovska-Davkova.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) October 24, 2024
I know the feeling!
We discussed the clean energy transition, EU investments in big infrastructure… and gender equality politics! pic.twitter.com/WZS4g9bAjG
„Го знам чувството!“,
напиша Фон дер Лајен.
Посочи дека разговарале и за енергетската транзиција, за инвестициите на ЕУ во големи инфраструктурни проекти и за политиката за родова еднаквост.
Веќе околу 13 и пол часот, автомобилите на нејзината делегација се упатија кон Меѓународниот аеродром „Скопје“, а околу 14 часот нејзиниот авион го напушти скопскиот аеродром.
Претседателката на ЕК турнејата денеска ја продолжува во Босна и Херцеговина.
Последен пат Фон дер Лајен беше во посета на Скопје минатиот октомври, кога се сретна со поранешниот премиер Димитар Ковачевски и со поранешниот претседател Стево Пендаровски.